
Студенти од ФЕИТ почнуваат практикантска настава во Министерството за енергетика
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 02 Јуни 2025

Со средба помеѓу министерката Сања Божиновска и студентите од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), денес официјално започна летната програма за практикантска настава во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
„Ова не е само пракса, туку е прв чекор кон задржување на младите во нашата земја. Ги отвораме вратите на Министерството за вашите идеи, ентузијазам и знаење. Убедена сум дека ова искуство ќе биде обострано корисно – вие ќе учите од нас, но и ние од вас. Нашата енергетска иднина ја гледаме токму во новите генерации инженери“, изјави министерката Сања Божиновска на средбата со практикантите.
Оваа програма се реализира во рамки на иницијативата на Министерството за отворање на институциите за младите луѓе – со цел да им се понудат реални можности за стручно усовршување, практични искуства и вклучување во процесите на креирање и имплементација на јавните политики во енергетиката, рударството и управувањето со минерални суровини.
Станува збор за студенти кои се во завршна фаза од своите студии и кои изразија интерес за вклучување во работата на Министерството, преку конкретни задачи, менторство и активно учество во подготовка на анализи, извештаи, презентации и други документи од областа. Практикантската настава ќе се одвива во текот на летото, а секој студент ќе има можност да работи во одделенијата според својата професионална определба, вклучително и енергетика, обновливи извори, енергетска ефикасност и други поврзани теми.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
