
ТХП: Посебна изборна единица за помалубројните етнички заедници
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 02 Јуни 2025

Партијата за движење на Турците (ТХП) изрази подготвеност да учествува во дебатите за промена во изборниот модел и ја поддржа иницијативата за отворање широк дијалог за измени на Изборниот законик, велат од партијата во врска со прашањето за една изборна единица.
„Веќе со години како ТХП бараме промена на изборниот модел, односно модел што ќе овозможи правично и фер претставување на помалубројните етнички заедници во Собранието на Република Северна Македонија, така што официјалниот став на Партија за движење на Турците (ТХП) е да има посебна изборна единица за учество на избори на партиите на помалубројните етнички заедници. Во таа посебна изборна единица партиите на помалубројните етнички заедници ќе се натпреваруваат меѓусебно. Со оваа посебна изборна единица при парламентарни избори во државава ќе биде овозможено да гласаат гласачи од помалубројните етнички заедници. Од оваа изборна единица ќе се избираат пратеници, само тие што ќе го поминат прагот, односно под услов да биде освоен одреден минимум број на гласови“, велат од ТХП.
Партијата смета дека со ваквиот изборен модел не само граѓаните од турската етничка заедница туку сите помалубројни етнички заедници ќе имаат зголемени шанси за парламентарно претставување, кое е особено важно за негување на мултикултурниот карактер на Република Северна Македонија.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
