
„Аџет“ почна со сезонски летови од скопскиот аеродром до Анкара, Чукурова и до Дијарбакир во Турција
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 02 Јуни 2025

Меѓународниот аеродром „Скопје“ од 1 јуни се поврза со уште три града во Турција. Авиокомпанијата „Аџет“ изминатиов викенд почна да лета до Анкара, Чукурова и до Дијарбакир, три нови дестинации за одмор, соопшти аеродромскиот оператор „ТАВ Македонија“.
Сезонските летови од Скопје до Анкара и до Дијарбакир ќе се одвиваат еднаш неделно, летовите на „Аџет“ до аеродромот „Чукурова“ двапати во неделата, а до сите три дестинации ќе се лета од 1 јуни до крајот на септември годинава.
„Директното поврзување на Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ со трите нови дестинации во Турција е од голема важност од повеќе аспекти затоа што секоја област носи свои бенефити. Спојот на двата главни града, Скопје и Анкара, ќе придонесе за зголемена трговска размена, брза бизнис-логистика меѓу Македонија и Турција, лесен пристап до турскиот пазар, бизнис-мобилност, туристичка и културна размена, образовна и академска соработка, поврзување на заедниците, а ќе придонесе и за дополнително унапредување на политичките и дипломатските односи“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Воспоставувањето на авиоконекцијата на Скопје со Чукурова и до Дијарбакир, пак, ќе донесат значајни стратешки, економски, туристички и културни бенефити за земјата, велат од „ТАВ Македонија“.
Чукурова е голема плодна област, која ги опфаќа Адана, индустриски и аграрен центар, и Мерсин, туристички потенцијал, дестинација на турската медитеранска ревиера. Она што е исто така значајно е што во Македонија постои голема популација по потекло од овие две области, со што авиоповрзувањето ќе ги олесни комуникацијата и одржувањето на семејните врски.
Со новите три дестинации авиокомпанијата „Аџет“ од Меѓународниот аеродром „Скопје“ ќе има вкупно 4 дестинации, вклучувајќи ја и веќе постојната линија до Истанбул, до аеродромот „Сабиха Гокчен“.
Во тековната летната сезона 2025 вкупно четири авиокомпании летаат меѓу Турција и Македонија до вкупно 6 града и 7 аеродроми во Турција. Од Меѓународниот аеродром „Скопје“ и од аеродромот „Свети апостол Павле“ во Охрид, „Туркиш ерлајнс“ лета до Истанбул (аеродромот ИГА); „Пегасус ерлајнс“ лета од скопскиот аеродром до Истанбул (аеродромот „Сабиха Гокчен“), Измир и до Анталија, „Аџет“ исто така лета од Скопје до Истанбул (аеродромот „Сабиха Гокчен“), а „Сан експрес“ лета од Скопје до Анталија и до Измир.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
