Хан: ЕУ не додели датум за преговори со Северна Македонија

Лидерите на Европската Унија не постигнаа договор за доделување датум за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, објави еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, на „Твитер“

 

Тој наведува дека тоа може да има негативни последици, вклучително и ризик од дестабилизација во регионот на Западен Балкан.

 

„Лидерите на ЕУ не успеаја да ја исполнат својата посветеност за отворање преговори за пристапување со Северна Македонија и Албанија. Ова е екстремно разочарување. Европската Унија сега треба да разјасни колку е сериозна нејзината заложба за интеграцијата“, напиша Хан.

 

Тој им се заблагодари на сите оние што синоќа се обиделе и се посветиле да постигнат одлука, која, како што вели тој, е од големо стратегиско значење за ЕУ. Хан им се заблагодари и на земјите членки кои се бореле за испраќање сигнал за надеж до граѓаните на земјите од Западен Балкан.

 

„Како што веќе кажав по министерскиот самит во Луксембург: ова не е момент на слава за Европската Унија. Да се одбие признавањето на докажаниот напредок, ќе има негативни последици, вклучително и ризик од дестабилизација на регионот на Западен Балкан, со целосно влијание врз ЕУ“, напиша Хан.

 

Наша одговорност, додава тој, е сега да застанеме до државите чии граѓани се со право разочарани. Тој наведува дека ќе продолжи да прави сè што е во негова моќ да ги поддржи.

 

„Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е и останува важна стратешка политика и е во наш заеднички интерес“, пишува Хан.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.