Опозицијата обвинува за политички пазарења на СДСМ и ДУИ во врска со пописот

Пописот кој власта на сила го турка среде пандемија нема за цел да биде статистичка операција, туку фингиран попис кој ќе биде резултат на политички пазарења на СДСМ и ДУИ, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Оттука велат дека во ниту една демократска земја не постои попишување без докази, само со диктирање на матични броеви и два врзани потписи, но тоа ќе го има во Македонија затоа што Зоран Заев има таков договор со ДУИ за бројка на одредени етнички заедници која однапред е договорена.

„Токму затоа и власта ги одби сите амандмани кои имаа за цел да се спречи пописниот фалсификат на власта, а токму затоа и не сакаат попис со отисок од прст, затоа што само така може да се знае реалната статистика која на СДСМ и ДУИ не им влегува во пазарот. Од ваквото силување на пописот, нема да имаат корист ниту државата ниту граѓаните туку само двете партии на власт. Затоа и се уште не ја објавуваат методологијата за пописот бидејќи се зафатени со креирање на лажни бројки и лажна слика за населението во Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Додаваат дека нормален попис треба да ги даде реалните бројки според кои ќе се крои секоја државна стратегија, но за жал Македонија ги има СДСМ и ДУИ кои не ги интересира државата, туку ги интересираат сопствените бизнис интереси.

ВМРО-ДПМНЕ бара повлекување на овој закон и носење нов со консензус кој „ќе биде од корист на Република Македонија и граѓаните, а не на одредени политички партии, конкретно парламентарното мнозинство“.

Доколку законот за попис биде изгласан на сила, од опозицијата најавија дека ќе собираат потписи од граѓаните за да го поништат овој закон и да биде донесен нов.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.