
Заев денеска во Брисел, ќе разговара за пристапниот процес на Македонија во ЕУ
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 10 Мај 2021

Премиерот Зоран Заев денеска во седиштето на ЕУ во Брисел ќе има средби со претседателката на Европската Kомисија Урсула фон дер Лајен, со претседателот на Европскиот Парламент Давид Сасоли, со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жозеп Борел, со извршниот потпретседател на ЕК Франс Тимерманс и со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.
На овие средби се очекува Заев да разговара за пристапниот процес на Северна Македонија кон Европската Унија, за бугарското вето, но и за последните изјави на еврокомесарот Вархеји дека е можно раздвојување на Скопје и Тирана на европскиот пат, анализираат домашните медиуми.
Премиерот Заев пред заминувањето за Брисел порача дека очекува ЕУ да ги потврди европските вредности и да го испорача тоа што го вети за спроведените реформи во Северна Македонија. Во изјава за „Еуроњуз“ рече дека дека кандидатурата на Северна Македонија е тест за кредибилитетот на Европската Унија на Западен Балкан, за тоа дали ЕУ ќе ги одржи ветувањата.
Во интервју за „Катимерини“, пак, во контекст на бугарската блокада, Заев нагласи дека за Северна Македонија, за македонскиот народ, неприфатлива е каква било интервенција во македонскиот идентитет.
Според најавата од владината прес-служба, премиерот Заев за време на денешната посета на Брисел ќе има средба и со Аугусто Сантош Силва, министер за надворешни работи на Португалија, земја членка и актуелен претседавач со ЕУ.
Серијата разговори ги започна синоќа на средба со Мирослав Лајчак, специјален претставник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина. Двајцата се согласиле дека Северна Македонија го одработи својот дел од обврските и оти е време ЕУ да испорача, без одложување, бидејќи секоја поинаква одлука ќе го наруши кредибилитетот на Унијата пред целиот Западен Балкан.
Од Брисел, премиерот Заев, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, ќе отпатува за Мадрид, а потоа за Атина.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
