Меѓународен ден на лицата со попреченост

Додека преомислуваме подобра иднина за секое дете, на овогодишниот Меѓународен ден на лицата со попреченост мораме да се прашаме што може општеството да стори за да обезбеди сите деца – без оглед на нивните способности – да имаат еднакви појдовни основи за постигнување на своите целосни потенцијали, порача претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Таа нагласи дека сите деца поседуваат огромен потенцијал. Според неа, фокусирање само на попреченоста кај едно дете без да се согледа детето во целина доведува до ограничување на тој потенцијал. Како и сите деца, децата со попреченост во себе носат можност за среќен и содржаен живот, витално учество во заедницата и придонес во градењето инклузивно и одржливо општество, наведува Ди Џовани.

 

 

„Едно општество не може да биде правично ако не се вклучени сите деца, а децата со попреченост не може да бидат вклучени ако не се промени нивната околина на начин што го овозможува и го поддржува нивно учество.

Северна Македонија направи огромни напори за воведување инклузивни практики во здравството, образованието и социјалната заштита. Воведувањетo нов модел на проценка врз основа на Меѓународната класификација за функционирање, попреченост и здравје (МКФ); новиот закон за основно образование кој предвидува целосно воведување на инклузивно образование и преобразба на специјалните училишта во ресурсни центри; престанок на сместувањето деца во големи установи за постојано згрижување; воведување скрининг за рано откривање на заостанување во развојот; и проширување на опсегот услуги лоцирани во заедниците со кои им се обезбедува поддршка на семејствата, се некои од главните одредници во настојувањата децата со попреченост да го заземат местото во општеството што со право им припаѓа.

На овој Меѓународен ден на лицата со попреченост апелираме до сите чинители да продолжат да ги одржуваат овие повеќесекторски напори за да не се дозволи заостанување на децата со попреченост. Овие реформи мора да станат реалност во секоја заедница во земјата со цел сите деца со попреченост да ја добијат потребната поддршка за да можат да одат на училиште заедно со нивните врсници и да ги добиваат здравствените и социјалните услуги што им се потребни“, истакна претставничката на УНИЦЕФ.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.