
(Видео) Нов конфликт меѓу Афлек и Џеј Ло: тој сака да ја намали цената на вилата, таа се противи
- Детали
- Категорија: ШоуБиз
- Создадено: 24 Април 2025

Бен Афлек и Џенифер Лопез не може да се договорат за една работа по разводот. Афлек сака да ја намали цената на нивната вила вредна 68 милиони долари, која се наоѓа на пазарот, но се чини дека пејачката не е среќна поради тоа.
Вилата е ставена на продажба пред девет месеци, но добро упатени извори тврдат дека засега никој не покажал интерес за неа. Агентите за недвижности наводно ѝ кажале на поранешната двојка дека треба да ја намалат цената за најмалку 15 %, со што се чини дека Бен се согласува, но Лопез наводно сè уште се држи до првичната цена.
Лопез и Афлек претходно тајно се обидоа заедно да го продадат својот поранешен дом, но бидејќи не успеаја, тие официјално го ставија на продажба. ТМЗ објави дека на крајот на септември минатата година добиле и прифатиле понуда од 64 милиони долари за вилата, но купувачите на крајот се повлекле.
Актерот и пејачката ја купиле во јуни 2023 година за 60,8 милиони долари и наводно ја преплатиле. Куќата содржи 12 спални соби и 24 бањи и зафаќа површина од нешто повеќе од 4.200 квадратни метри. Претходно, извори блиски до поранешната двојка изјавија дека ниеден од нив не бил пресреќен во вилата.
„Бен никогаш не ја сакал куќата. Таа е предалеку од неговите деца“, истакнал извор во јуни минатата година.
Лопез наводно чувствувала дека имотот е преголем за неа. По објавувањето на разводот, пејачката се преселила во куќа вредна 18 милиони долари во близина на Лос Анџелес, а Афлек веќе купил имот од 20 милиони долари во Пацифик Палисадес.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
