(Видео) Џеј Џеј ја однесе победата со моќна балада, Австрија слави на Евросонг

Австрискиот претставник Џеј Џеј ја однесе победата на годинашниот Евросонг со импресивни 436 поени за својата оперска балада „Wasted Love“. Возбудата кулминираше кога водителките Хејзел Бругер, Мишел Хунцикер и Сандра Студер го соопштија победникот во преполната сала „Санкт Јакобшале“ во Базел, а фановите ширум светот го задржаа здивот.

Второто место му припадна на Израелецот Јувал Рафаел со песната „New Day Will Rise“, која освои 357 поени, додека Естонецот Томи Кеш со неговата необична композиција „Espresso Macchiato“ заврши трет со само еден поен помалку – 356.

 

 

„Wasted Love“ доби максимални поени од осум национални жирија – Белгија, Финска, Германија, Ирска, Латвија, Холандија, Норвешка и Шведска – што беше клучно за убедливата победа.

Со оваа победа, Евровизискиот натпревар се сели од Швајцарија во Австрија – следната година, фестивалот ќе се одржи таму.

 

Кој е Џеј Џеј?

Џеј Џеј, чије вистинско име е Јоханес Пич, е контратенор роден во Виена во 2001 година. Детството го поминал во Дубаи, а по враќањето во Австрија во 2016 година, започнал да гради успешна кариера во класичната музика.

Музичкиот свет првпат го запозна преку австриското ТВ-шоу „Старманија“, каде во 2021 година стигна до финалето. Денес настапува во Виенската државна опера и студира класична музика на приватниот универзитет за музика и уметност во Виена.

Австрија и Евросонг: Историја со три победи

 

Австрија има долга историја на учество во Евросонг. Дебитираше во 1957 година, а првата победа ја оствари во 1966 година преку Удо Јиргенс и песната „Merci, Chérie“. Втората победа дојде дури во 2014 година со Кончита Вурст и нејзиниот моќен настап со „Rise Like A Phoenix“. Џеј Џеј сега ја донесе третата титула дома.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.