Љубовната приказна на кралицата Елизабета и принцот Филип
- Детали
- Категорија: ШоуБиз
- Создадено: 09 Септември 2022
Кралицата Елизабета Втора почина во четвртокот (8 септември) во попладневните часови, во својот замок Балморал во Шкотска, на 96-годишна возраст.
Најдолговечниот монарх во британската историја можеше да се пофали со челично здравје целиот свој живот, но, како што пишуваат британските медиуми, тоа почнало бргу да се влошува по смртта на сопругот Филип во април 2021 година. Неколку месеци по неговата смрт, кралицата ја мина ноќта во болница, а причината не ѝ беше откриена на јавноста. Кога потоа почна да се појавува во јавност, беа забележани тешкотии во нејзините движења.
Медиумите се навраќаат на минатото и откриваат како почнала нивната љубовна приказна.
Тоа не било љубов на прв поглед, туку љубов за цел живот. Се запознале како деца, на свадба, а се вљубиле години подоцна кога повторно се сретнале. Во годините поминати заедно тие пребродија многубројни подеми и падови во семејството и во монархијата, а нивниот однос со несебична поддршка еден кон друг секогаш предизвикуваше интерес во јавноста.
Двојката првпат се запознала во 1934 година, а неколку години подоцна, во 1939 година, повторно се сретнале по што нивната врска почнала да се развива, првин преку пријателска размена на писма, а потоа и се вљубиле. Се свршија во јули 1947 година, а се венчаа неколку месеци подоцна во ноември истата година во Вестминстерската опатија во Лондон. Нивната кралска венчавка, на која беа поканети 2.000 гости, беше првата што во живо се емитуваше на радиото Би-би-си.
Кралицата носеше венчаница, што за неа ја дизајнира Норман Хартнел, и дијадема на кралицата Мери.
Во текот на нивниот брак тие добија четири деца – принцот Чарлс, принцезата Ана, принцот Ендру и принцот Едвард – осум внуци и единаесет правнуци.
За нивната 50-годишнина од брак во 1997 година, кралицата, во говорот посветен на својот сопруг, рече: „Тој е некој што не прифаќа лесно комплименти, но тој, едноставно, беше мојата сила сите овие години. Јас и целото негово семејство, оваа и многу други земји, му должиме повеќе отколку што тој некогаш ќе признае“.
Во јуни 2020 година кралското семејство го прослави 99. роденден на принцот Филип, а кралската двојка позира за нови фотографии по тој повод. Во ноември истата година тие ја прославија 73-годишнината од бракот, но само неколку месеци подоцна, на почетокот на 2021 година, принцот Филип беше префрлен во болница поради здравствени проблеми. По едномесечно лекување на инфекцијата и успешната операција, тој е пуштен од болница. Но, во април кралската палата објави дека принцот Филип починал.
Неколку дена по погребот на принцот, кралицата го прослави својот 95. роденден, овој пат без сопругот покрај себе. Нејзиното здравје почна да се нарушува по губењето на саканиот сопруг.
Бракот на кралицата Елизабета и принцот Филип траеше повеќе од 70 години и е најдолг во историјата на британското кралско семејство, а меѓу најуспешните. Во јавност кралицата и принцот отсекогаш беа олицетворение на единство и симбол на долготрајна љубов и почит.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс