Израел нареди евакуација на третина од Газа; ОН: Прашањето е каде да се оди

ОН соопшти дека одлуката на Израел да ги евакуира Палестинците од областите Кан Јунис и Рафа е најголемата таква наредба во Појасот Газа откако борбите принудија 1,1 милион луѓе да го напуштат северниот дел на енклавата во октомври.

Портпаролот на ОН, Стефан Дужарик, во понеделникот рече дека наредбата за евакуација се однесува на една третина од Газа, а процената на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA) вели дека околу 250.000 луѓе моментно живеат во областа.

Тој смета дека „евакуацијата во толку голем обем само ќе ги влоши страдањата на цивилите и ќе ја зголеми потребата за хуманитарна помош“.

Тој предупреди дека луѓето се соочени со „невозможен избор повторно да се преселат, некои веројатно втор или третпат, во области кои едвај имаат доволно простор и функционални услуги, или да останат во област во која ќе има жестоки борби“.

Според Министерството за здравство на Газа, речиси 38.000 луѓе загинале во борбите. Во енклавата живеат околу 2,3 милиона луѓе.

„За ваша безбедност, мора веднаш да се евакуирате во хуманитарна зона“, објави на социјалните мрежи Авичај Адрае, портпарол на израелските одбранбени сили на арапски јазик.

Додека израелската воена операција против Хамас се одолжува во својот десетти месец, цивилите во Газа се притиснати во сè потесните делови на земјата поставувајќи шатори во урнатините на градовите, од кои веќе побегнале, или покрај морскиот брег.

Многу жители на Кан Јунис се преселија таму од Рафа, откако беше цел на Израел во мај, предизвикувајќи околу милион луѓе да избегаат за само неколку недели. Дотогаш Рафа беше последното прибежиште за цивилите во Појасот Газа.

Наредбата за евакуација дојде откога претходно во понеделникот беа лансирани најмалку 20 ракети од областа Кан Јунис кон израелските заедници, кои се граничат со Газа, според израелската војска.

Луиз Вотериџ, портпаролка на Агенцијата за помош и работа на ОН (UNRWA), која им помага на палестинските бегалци, рече дека наредбата за евакуација може да влијае на околу четвртина милион луѓе во Кан Јунис – од кои на многумина ќе им биде тешко да се евакуираат поради лошите временски и хуманитарни услови.

Дури и ако може да заминат, рече таа, не е јасно каде може безбедно да одат: „Дури и најздравите луѓе ќе се борат да се движат на овие температури со недостиг на храна и вода“. Таа додаде: „А каде да одат тогаш? Тоа е следното прашање“.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.