Маж уапсен во Калифорнија: за три часа убил најмалку 80 животни
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 06 Септември 2024
Властите во округот Монтереј, Калифорнија, уапсија маж осомничен за масакрирање десетици животни. Имено, осомничениот убил разни животни, вклучувајќи коњи, зајаци и птици.
Висенте Џозеф Аројо (39) почнал да пука со повеќе оружја по случаен избор и убил приближно 80 животни во рок од три часа, соопшти канцеларијата на шерифот. Властите добија повеќе извештаи за истрели околу 3.25 часот. Полицијата веднаш излегла на терен, но поради слабата видливост, затоа што било ноќ, тешко го лоцирала изворот на пукањето, пишува „Ен-би-си њуз“.
Поради тоа, на помош биле повикани специјалци, а пожарникарите обезбедиле и беспилотни летала за потрагата. Дронот го лоцирал осомничениот во лозје северно од Прундејл по што бил уапсен од специјалните сили. Истрагата откри дека Аројо убивал разни животни, вклучувајќи коњи, кози, зајаци, кокошки, патки и други видови птици.
Некои животни го преживеале масакрот, но поради сериозноста на повредите, морале да бидат евтаназирани. Аројо беше затворен во затворот во округот Монтереј под сомнение за поседување оружје, вандализам, криминални закани и суровост кон животните. Неговата кауција беше одредена на 50.000 долари.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс