(Фото) Трамп сака да ја преземе контролата врз Гренланд, Канада и Панамскиот канал
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 11 Јануари 2025
Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, ги сака Гренланд, Канада и Панамскиот канал. Ова е само дел од неговите планови, кои ги откри пред неговата инаугурација на 20 јануари.
Франција и Германија бурно реагираа на намерите на Трамп во однос на Гренланд. Париз нагласува дека нема да толерира закани за суверените граници на Европската унија. Овие жестоки предупредувања беа испратени откако Трамп не ја отфрли можноста за воена акција за преземање контрола врз Гренланд , автономна територија на Данска, членка на Европската унија.
Од друга страна, германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека забелешките на Трамп предизвикале „недоразбирање“ меѓу европските лидери.
– Принципот на неповредливост на границите важи за секоја земја, без разлика дали е на исток од нас или на запад и секоја земја мора да го почитува, без разлика дали е мала или многу моќна земја – рече Шолц.
Данска, која сега е во центарот на драмата околу Гренланд, дипломатски вели дека е отворена за дијалог за безбедносни прашања со Трамп, но не се согласува со закани со сила.
Иако властите на Гренланд првично решително ги отфрлија понудите на Трамп, реториката се промени во последните денови.
Односите меѓу Гренланд и Данска беа затегнати во последниве години поради наводите за историска злоупотреба на граѓаните на Гренланд за време на колонијалното владеење.
Премиерот на Гренланд, Мут Егеде, рече дека најголемиот остров во светот не е на продажба, но во својот новогодишен говор повика да се прогласи независност од Данска.
Поради ваквите планови на Трамп, фокусот повеќе не е на решението што тој ќе го понуди за ставање крај на војната во Украина, што ќе има влијание и на целиот Стар континент, туку само на она што се случува или што ќе се случи на Гренланд.
А кога станува збор за Украина, едно од решенијата што може да ги промени границите на Европа исто како и ставањето на Гренланд под американска контрола , е замрзнување на линиите на фронтот и отстапување на украинската територија на Русија.
На Русија ќе и биде дозволено да ја задржи контролата врз деловите на Украина што веќе ги освои , вклучувајќи го и полуостровот Крим.
Тоа значи дека демаркационата линија би се протегала од Нова Каховка во Херсонската област, преку делови од Запорожјската област, Селидово, Торечко и Вуледар во Доњецк и Северодонецк во Луганск.
Бидејќи Русија, исто така, контролира делови од регионот Харков, постои голема шанса Трамп и Путин да се согласат да го задржат тоа така и дека демаркационите линии би се прошириле мал дел и во оваа област.
Со сето ова Трамп потврди дека сака членките на НАТО да издвојуваат пет отсто од својот БДП за одбраната, наместо досегашниот договор од два отсто од нивниот БДП.
„Ох, Канада“
Од Европа одиме во Канада, која Трамп сака да ја види како 51-ва американска сојузна држава. Се започна како шега на социјалните мрежи, но се покажа дека новоизбраниот претседател на Америка е сериозен.
Тој се закани дека ќе воведе царини за стоки од Канада и понуди да им се придружат на САД како „сламка на спасот“ за економијата на таа земја.
Се вмеша и Илон Маск.
Канадскиот премиер во заминување Џастин Трудо рече дека „нема шанси“ да се приклучи на Америка, на што Маск одговори.
„Девојко, ти повеќе не си гувернер на Канада, па не е важно што ќе кажеш “, напиша Маск.
„Рацете подалеку од Панама“
Повторно користејќи ја економијата како причина, Трамп ги критикуваше таксите за американските бродови кои минуваат низ Панамскиот канал и се закани дека ќе побара да му се врати контролата на пловидбата на Вашингтон.
– Кога претседателот Џими Картер непромислено го даде за еден долар, за време на неговиот мандат, со него управуваше исклучиво Панама, а не Кина или некој друг. Исто така, на Панама не и беше дозволено да наплаќа превисоки цени и стапки за премин кон САД, нејзината морнарица и корпорациите кои работат во нашата земја – рече Трамп.
Неколку десетици демонстранти одржаа протест пред американската амбасада во Панама , каде му рекоа на Трамп „да ги држи рацете подалеку од Панама“, а тамошните власти нагласија дека „суверенитетот над тој канал не е прашање на преговори“.
„Мексиканска Америка, звучи убаво“
Трамп се фокусираше и на Мексиканскиот залив и објави мапи на кои се нарекува Американски залив.
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум, која разговараше со Трамп кога тој се закани дека ќе ги зголеми тарифите поради мигрантите, истакна дека „Мексиканскиот залив“ е меѓународно признато име и дека Трамп „живее во минатото“.
– Мислам дека на претседателот Трамп му кажаа погрешна работа, му рекоа дека Фелипе Калдерон се уште е претседател. Но, не, во Мексико луѓето се главни – рече Шејнбаум на прес-конференцијата.
Шајнбаум покажа карта на поранешно Мексико, која ги вклучува териториите кои сега се дел од Соединетите Американски Држави.
– Мексиканска Америка, тоа звучи убаво – рече Шејнбаум.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс