Со поддршка на Трамп 500 милијарди долари се инвестираат во центри за вештачка интелигенција
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 22 Јануари 2025
„Опен АИ“, „Оракл“ и Софт банк објавија партнерство за изградба на центри за податоци посветени на вештачката интелигенција (ВИ) со план веднаш да инвестираат 100 милијарди долари.
На настан во Белата куќа, во присуство на извршните директори на трите компании, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека овој план е јасна декларација за доверба во потенцијалот на Америка.
Проектот наречен „Старгејт“ вклучува инвестиција од 500 милијарди долари во следните четири години, се вели во соопштението на „Опен АИ“ и Софт банк. Извршниот директор на „Опен АИ“, Сем Алтман, го опиша проектот како најважниот потфат на оваа ера и му се заблагодари на претседателот Трамп за неговата поддршка, а работата веќе е почната.
Проектот вклучува изградба на инфраструктура за вештачка интелигенција, како што се центри за податоци, кои, според Трамп, би можеле да создадат повеќе од 100.000 работни места. Првите центри се веќе во изградба во Тексас, а планирана е изградба на дополнителни локации, изјави Лари Елисон, главен технолошки директор на „Оракл“. Покрај нив, во проектот се вклучени и други технолошки гиганти, вклучувајќи ги „Мајкрософт“, НВИДИА и „Арм“.
Проектот доаѓа во време на големи инвестиции во индустријата за вештачка интелигенција, особено во специјализирани центри за податоци потребни за управување со технологии, како „Чет џи-пи-ти“. Сепак, зголемената побарувачка за овие центри предизвикува загриженост за влијанието врз снабдувањето со енергија и улогата на странските инвеститори. „Мајкрософт“, еден од главните инвеститори во „Oпен АИ“, објави дека планира да инвестира 80 милијарди долари во центри за податоци за вештачка интелигенција оваа година. „Амазон“ исто така најави слични проекти, секој вреден 10 милијарди долари.
Според извештајот на „Мекенси компани“, глобалната побарувачка за капацитет на центрите за податоци би можела тројно да се зголеми до 2030 година растејќи меѓу 19 и 27 отсто годишно. Но, аналитичарите предупредуваат дека овој раст може да биде забавен поради проблеми како што се недостиг на енергија, земјиште и сложени процедури за лиценцирање.
Поранешниот претседател Џо Бајден воведе правила за ограничување на извозот на чипови со вештачка интелигенција во одредени земји и издаде наредби за развој на центри за податоци на владино земјиште, со акцент на употребата на чиста енергија. Ова може да стане клучно во понатамошниот развој на одржлива инфраструктура за вештачка интелигенција.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс