Вулин: Очекувам ФСБ итно да ги истражи тврдењата за звучниот топ

Потпретседателот на српската влада, Александар Вулин, за државната телевизија (РТС) изјави дека очекува доаѓање руски разузнавачи, кои треба да ги истражат тврдењата дека на 15 март во Белград било употребено звучно оружје против демонстрантите.

Вулин, поранешен шеф на цивилната разузнавачка агенција БИА и поборник за блиски односи со Русија, рече дека очекува пристигнување делегација на експерти од руската разузнавачка служба ФСБ. Тој додаде дека Русите ќе заземат јасен став дали на масовните протести бил употребен таканаречениот звучен топ.

Според него, експертите на ФСБ имаат мандат да утврдат дали е употребено звучно оружје и, доколку е така, на кој начин. „Сигурен сум дека ФСБ ќе спроведе истрага што е можно побргу“, рече Вулин.

Тој тврди и дека Русија ја поддржува, како што наведе, борбата на Србија против она што претседателот Александар Вучиќ и највисоките државни функционери го нарекуваат обоена револуција бидејќи суштината на меѓународното право е секој да има право на свој пат.

За време на масовниот антикорупциски протест во Белград на 15 март, насобраните им оддадоа почит на жртвите од уривањето на натстрешникот на железничката станица во Нови Сад за време на 15-минутниот молк. Во тој момент се слушна ненадеен силен звук, кој предизвика паника кај демонстрантите, а некои пријавија симптоми, како што се болки во увото, главоболка, мачнина и дезориентација.

Некои аналитичари и сведоци тврдат дека станува збор за употреба на таканаречениот звучен топ, несмртоносно звучно оружје, кое емитува насочени високофреквентни звучни бранови за контрола на толпата. Српските власти, вклучително и претседателот Александар Вучиќ, ги негираат овие обвинувања нарекувајќи ги гнасни лаги и изразија подготвеност за меѓународна истрага за да се утврди вистината.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.