Кој им дозволил на Вучиќ и новинарите да влезат кај пациентите од Македонија: студентите бараат одговорност

Заштитникот на граѓаните на Србија, Зоран Пашалиќ изјави дека ќе ги истражи сите околности наведени во шестото барање на студентите, кои сакаат да утврдат кој им дозволил на претседателот на Србија, Александар Вучиќ и новинарите да влезат во одделението за интензивна нега на Клиничкиот центар на Србија (КЦС), каде што беа сместени повредените од пожарот во Северна Македонија, пренесуваат српските медиуми.

 

Студентите бараат покренување на постапка и разрешување на надлежните во Универзитетскиот клинички центар на Србија и во Ургентниот центар. Оттаму посочуваат дека директорите на овие здравствени установи им дозволувале на луѓето да влегуваат на одделението за интензивна нега и да ги снимаат пациентите, со што грубо се нарушува нивното здравје и правото на приватност.

 

Заштитникот на граѓаните потсетува дека според Уставот и законот не може да го контролира претседателот на државата, но може да се обрати до Министерството за здравство преку кое се врши контрола на Клиничкиот и Ургентниот центар.

 

„Кога има случај во болницата за кој се смета дека е неадекватен третман, се обраќаме до Министерството за здравство да го истражи и да даде заклучоци. Ова е постапка која е апсолутно пред нас“, рече Пашалиќ.

 

По пожарот во дискотеката во кој загинаа повеќе од 60 лица, дел од тешко повредените пациенти се пренесени на лекување во Белград.

 

Тие беа сместени во одделението за интензивна нега на Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС), каде Вучиќ заедно со медиумски тимови ги посети на 17 март.

 

Студентите бараат покренување постапка за утврдување одговорност и разрешување на директорката на УКЦС Јелена Друловиќ, директорот на Ургентниот центар на УКЦС Марко Ерчеговац и началникот на одделението за интензивна нега во Ургентниот центар на УКЦС, Душан Мициќ.

 

„Овие лица прекршиле низа хигиенски мерки за заштита на пациентите од ризик фактори кои можат да доведат до сериозна закана по здравјето и животот на пациентите“, се наведува во нивното соопштение, пренесуваат медиумите во соседството.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.