Рекорд – Американка повеќе од четири месеци живееше со свински бубрег

Педесетгодишна Американка повеќе од четири месеци живеела со свински бубрег, но трансплантираниот орган морал да ѝ биде отстранет  бидејќи нејзиното тело почнало да го отфрла, што сепак претставува рекорден период на живот со органот, соопшти  болницата во Њујорк каде ѝ била направена трансплантацијата.

На Тована Луни од Алабама, САД,  кон крајот на ноември минатата година ѝ беше трансплантиран генетски модифициран свински бубрег, практика која сè уште е многу експериментална, но дава надеж за решавање на хроничниот недостиг на органи.

Охрабрувачки е фактот дека органот ги исполнувал своите функции 130 дена или повеќе од четири месеци, што е рекорд. Досега ниту еден пациент не успеал да преживее повеќе од два месеци по ваквата трансплантација.

„За прв пат од 2016 година можев да уживам со моите пријатели и семејството, без да морам да планирам сè околу третманите за дијализа“, рече Луни во изјавата споделена од болницата NYU Langone во Њујорк.

Луни ѝ донирала еден бубрег на мајка си во 1999 година и била на дијализа осум години откако компликација од бременоста ѝ го оштетила преостанатиот бубрег. Не можејќи да најде соодветен донатор, добила дозвола да добие генетски модифициран бубрег бидејќи нејзиното здравје се влошило.

„И покрај охрабрувачките првични резултати, на почетокот на април таа доживеа пад на функцијата на бубрезите поради акутно отфрлање“, рече нејзиниот хирург Роберт Монтгомери.

„Причината за оваа епизода на отфрлање по долг период на стабилност е под истрага“, објасни тој.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.