
(Видео) Телото на папата преместено во базиликата „Свети Петар“, илјадници верници му оддаваат почит
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 23 Април 2025

Телото на папата Франциско утринава беше преместено во базиликата „Свети Петар“ за католиците да може да му оддадат последна почит пред погребот, кој ќе се одржи во 10 часот в сабота.
Неговото тело беше пренесено во отворен ковчег од капелата во ватиканската резиденција, каде што живееше, во базиликата „Свети Петар“, во голема поворка со кардинали придружени со латинско пеење. Ковчегот беше придружуван од папски војници, познати како Швајцарска гарда.
На погребот се очекува да присуствуваат најмалку 200.000 луѓе, изјави за весникот „Кориере дела сера“, Фабио Чичилијано, шеф на италијанската агенција за цивилна заштита.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, кој во неколку наврати се судри со папата за имиграцијата, ќе дојде со сопругата Меланија. Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ го потврди своето пристигнување, како и лидерите на Италија, Франција, Германија, Велика Британија, Украина, претставници од институциите на ЕУ и од родната Аргентина на Франциско.
Конклавата, на која ќе се избере нов папа, не се очекува да почне пред 6 мај. Нема јасен фаворит за наследник на Франциско, иако британските обложувачници ги издвојуваат Луис Антонио Тагле, реформатор од Филипините, и Пјетро Паролин од Италија како први фаворити.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
