Петмина Британци заразени од коронавирус во француски ски-центар, затворени две локални училишта

Две училишта, недалеку од францускиот ски-центар Контамин-Монжуа, каде кај петмина британски државјани бил дијагностициран коронавирус, ќе бидат затворени во текот на следната недела сè додека властите не утврдат точно со кого биле заразените во контакт, соопштија регионалните власти.

 

Единаесет британски државјани, меѓу кои и петмина заразени со коронавирус, во моментов се згрижени во локалните болници.

 

Како што пренесува „Танјуг“, меѓу заразените е и деветгодишно дете, а училиштата се затворени откако било откриено дека тоа посетувало едно од нив, изјави за новинарите регионалниот службеник за здравство, Жан-Ив Грал.

 

„Дејли мејл“ објави дека 11 британски државјани кои биле на скијање, сега се префрлени во болнички карантин, откако кај петмина од нив било регистрирано присуство на вирусот.

 

Се верува дека тие биле заразени од Британец, заеднички пријател, кој допатувал од Сингапур на 24 јануари.

 

„Сите престојувале во иста куќа, по што некои се пожалиле дека не се чувствуваат добро“, изјавил извор од Министерството за здравство во Париз.

 

Алпскиот ски-центар Контамин-Монжуа важи за многу популарна дестинација меѓу британските туристи. Со овој нов случај, бројот на заразени од коронавирус во Франција се зголеми на 11, соопштија властите.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.