Шведска пронајде четврто истекување на гасоводот Северен тек
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 29 Септември 2022
Шведската крајбрежна стража наводно открила четврто истекување гас на гасоводот Северен тек.
Крајбрежната стража соопшти дека го лоцирала истекувањето откако во понеделникот на вкупно три места биле оштетени два гасоводи кои воделе од Русија до Германија, пренесува шведскиот весник Svenska Dagbladet.
„Две од овие четири штети се во ексклузивната економска зона на Шведска“, изјави за весникот портпаролката на крајбрежната стража, Џени Ларсон. Останатите две штети се наоѓаат во данската ексклузивна економска зона.
Се зголемуваат стравувањата дека гасоводот Северен тек 1, кој се протега од Русија до Германија, би можел да биде трајно неупотреблив по драстичното оштетување на гасоводот на дното на Балтичкото Море.
Доколку истекувањето на гасот од двете цевководи не се санираат многу брзо, големите количини на морска вода што влегуваат во цевките ќе предизвикаат корозија што би можело да го направи гасоводот трајно неупотреблив, изјави извор од германската влада.
Извор од британските одбранбени сили изјави за „Скај њуз“ дека истекувањето на гасоводот во Балтичкото Море е поврзано со употребата на далечински активирани подводни експлозивни направи.
Тој додаде дека мините можеле да бидат спуштени до морското дно на долго јаже, фрлени од страна на брод или поставени до гасоводoт со подводен дрон пред неколку месеци или дури години.
Кога беше откриено првото истекување на гас, веќе три дена гас истекуваше во Балтичкото Море. Шведскиот национален сеизмолошки центар претходно соопшти дека станиците забележале „силни подморски експлозии“ во областа каде што се случи истекување на гас.
„Нема сомнеж дека станува збор за експлозии“, вели Бјорн Лунд, сеизмолог од Универзитетот во Упсала, кој е дел од националната сеизмичка мрежа на Шведска.
Сè повеќе има реакции од европските земји за експлозиите на дното на Балтичкото Море, кои очигледно го предизвикаа истекувањето на гасот од цевководите Северен тек 1 и 2.
Неколку европски држави сугерираа дека Русија би можела да стои зад експлозиите, но Кремљ ги отфрли таквите предлози како „предвидливи и глупави“.
Научниците стравуваат дека испуштањето на метанот од експлодираните гасоводи Северен тек во Балтичкото Море би можело да биде едно од најлошите истекувања на природен гас досега и да претставува значителни климатски ризици, пишува „Гардијан“.
Грубите проценки на научниците, врз основа на количеството на гас наводно содржано во еден од цевководите, варираат помеѓу 100.000 и 350.000 тони метан.
Јасмин Купер, научен соработник на одделот за хемиски инженеринг на Империал колеџ во Лондон, рече дека има „многу неизвесност“ за истекувањето.
„Тешко е да се знае колку стигнува до површината. „Но, тоа е потенцијално стотици илјади тони метан: доста голема количина се испумпува во атмосферата“, рече Купер.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс