
Ангеловска-Бежоска на регионалната средба на гувернерите на централните банки: Трговските пречки може да се одразат на економиите во регионот
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 03 Април 2025

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, учествуваше на тркалезна маса којашто се одржа на Економскиот факултет во Осиек, во рамките на Регионалната средба на гувернери на централни банки. Во своето излагање, таа истакна дека сѐ поголемиот број трговски препреки може да се одразат врз светските економски текови, како и врз економиите во регионот на Централна и Југоисточна Европа, како економии со висок степен на интегрираност во светската трговија. На настанот, воведно излагање имаше Пјеро Чиполоне, член на Извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ).
Според процените на ЕЦБ, доколку САД воведат царини од 25% на увозот од Европа, би се намалил растот на европската економија за околу 0,3 до 0,5 п.п. на краток рок. Доколку Европската Унија (ЕУ) исто така воведе царини, инфлацијата во еврозоната би се зголемила за околу 0,5 п.п. Со оглед на високиот степен на трговија со ЕУ, можни се преносни ефекти и во регионот.
За намалување на овие ризици, од особена важност е водењето претпазливи макроекономски политики и засилувањето на структурните реформи со кои економиите од регионот би ја зголемиле својата отпорност на надворешните шокови и би ја забрзале доходовната конвергенција.
На регионалната средба се разговараше и за важноста на реформите во сферата на прекуграничните плаќања за поттикнување на трговијата, вклучително и на регионалната трговија и економскиот раст. Во нашиот регион, токму членството во СЕПА би придонесло за брз и ефикасен платежен систем со помали трошоци, зголемувајќи ја конкурентноста на нашата економија.
На гувернерската тркалезна маса, покрај гувернерката Ангеловска-Бежоска, учествуваа и гувернерот на Хрватската народна банка, Борис Вујчиќ, в.д. гувернерот на Банката на Словенија, Примож Доленц, гувернерката на Централната банка на Црна Гора, Ирена Радовиќ и гувернерката на Централната банка на Босна и Херцеговина, Јасмина Селимовиќ.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
