„Како до повеќе инвестиции во зелената енергија“ – Божиновска за амбициозните планови на Македонија на самитот „ЕСГ адрија“ во Тиват

На престижниот ESG Adria Summit 2025 во Тиват, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска активно учествуваше во дискусија за одржливиот развој и зелената транзиција.

 

Настанот, кој се одржува под покровителство на претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ и премиерот Милојко Спајиќ, обедини над 700 водечки експерти, претприемачи и политичари од регионот, посебно се фокусираше на практичните решенија за забрзување на зелената транзиција, со акцент на иновативните финансиски модели и јавно-приватното партнерство.

 

Во својот настап на панелот „Мобилизирање на капитал за зелени проекти“, министерката Божиновска детално ги презентираше напорите на Македонија во процесот на зелена транзиција.

 

„Од првиот ден на нашата влада, фокусот е на развој на енергетската инфраструктура што ќе обезбеди долгорочна стабилност, одржливост и економски напредок. Нашата стратегија се заснова на паралелен развој на државната енергетска инфраструктура и поттикнување на приватните инвестиции во обновливи извори на енергија. Со поддршка на ЕБРД, активно работиме на воведување на иновативни финансиски механизми како Contract-for-Difference, кои ќе ги намалат ризиците за инвеститорите. Зелената транзиција мора да биде праведна. Затоа, стратешки остануваме посветени на модернизацијата на РЕК Битола, но истовремено градиме соларни и ветерни централи за да постигнеме 38% удел на обновливите извори до 2030 година. Регионалната соработка е клучна. Изградбата на нови интерконекции со Албанија, Грција и другите соседи ќе го зацврсти регионот и ќе ги отвори вратите за поголеми инвестиции“, истакна Божиновска.

 

Министерката посебно ги нагласи клучните проекти како модернизацијата на РЕК Битола, изградбата на нови соларни и ветерни централи, како и развојот на когенеративни централи како преодно решение.

 

Нагласувајќи ја важноста на регионалната соработка, министерката истакна дека Македонија активно работи на изградба на нови интерконекции со соседните земји. „Ова ќе овозможи поголема стабилност на енергетскиот систем и ќе отвори нови можности за трговија со чиста енергија“, објасни таа.

 

Покрај министерката Божиновска, на панелот учествуваа и високи претставници на ЕБРД, Меѓународната финансиска корпорација и водечки компании во областа на обновливата енергија. Дискусиите ја истакнаа потребата од појасни регулативи, поголема транспарентност и посилна регионална координација за успешна имплементација на зелените проекти.

 

Овој настан, според министерството, потврди дека Западниот Балкан претставува клучен играч во европската зелена транзиција, но дека за постигнување на амбициозните климатски цели се потребни континуирани инвестиции и политичка посветеност





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.