
Мицкоски најавува инвестициски бум од речиси 2 милијарди евра: ќе се инвестира во здравството, енергетиката, а ќе се реконструира и модернизира и железничкиот транспорт
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 14 Мај 2025

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што предвидува Планот за инфраструктурен бум што беше најавен Македонија 2025, изјави:
„Да, тоа ќе биде еден, би рекол инфраструктурен бум, ако можам така да го наречам. Ќе се модернизира и реконструира Коридорот 10, железничката пруга од Табановце до Гевгелија. Откако сето тоа ќе биде завршено граѓаните ќе патуваат и ќе можат да го користат железничкиот транспорт со брзина од 160 километри на час, просек.
А карго возовите, мислам дека еден таков поминува сега, тие ќе можат, наместо сегашните, во одредени делници од 10 до 15 километри на час, да возат 110 километри на час во просек. Што значи најмалку четири пати повеќе од сегашниот просек. Со тоа очекуваме, не само зголемена брзина на карго превозот којашто ќе транзитира низ нашата држава, туку очекуваме и зголемен интерес за повеќе по бројност композиции коишто секако поради побрзиот транзит, ќе биде зголемен бројот. Очекувам најмалку десет пати тој да се зголеми. Два пати по основ на интерес и четири до пет пати по основ на брзина. Така што во нето износ тоа да биде најмалку десет пати повеќе од ова што денеска е. И крајната цел е Македонски железници годишен приход од својата основна дејност да достигне помеѓу 100 и 120 милиони евра. Тоа е во делот на железничкиот превоз.
Исто така инвестираме во здравството. Продолжуваме со изградба на Клиничката болница во Штип. Зграда за Медицинскиот факултет, студентски дом, болницата во Кичево, реконструкција на Клиничката болница во Тетово, инвестиции од прилика околу помеѓу 190 и 200 милиони евра или во тотал заедно со реконструкцијата на коридорот ќе натфрли бројка од две милијарди евра.
Продолжуваме да бараме партнер за изградба на стратешки проекти. Во енергетиката главен фокус ни е проектот Чебрене-Галиште. Пред состанокот на Извршниот комитет имав состанок со министерката вчера, разговаравме околу стратегијата, пристапот и околу начинот на којшто тој проект понатаму ќе го водиме. И убеден сум дека овој пат анализираме, дека државата ќе има можности да направи поинаков договор од тоа што беше во минатото случај.“
Мицкоски одговараше и во однос на реконструкцијата на Коридорот 10, и дали истиот е дел од Планот за раст.
„Дел од Планот за раст, но и дел од најавената инвестиција којашто на основа на Влада со Влада договор ќе го потпишеме. Многу скоро, веќе не се недели, денови се во прашање, македонската јавност точно ќе знае за што станува збор.“
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
