Изградбата на ООУ „Крсте Мисирков“ во Ченто се очекува да заврши во септември 2026

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска заедно со министерката за образование и наука, Весна Јаневска, направив увид во градежните активности на локацијата каде што се гради новото основно училиште „Крсте Мисирков“ во населбата Ченто.

 

„По 62 години, конечно се реализира проект од огромно значење за целото население, за сегашните и идните генерации ученици, наставници и родители. Старите училишни бараки одамна не ги задоволуваа ниту стандардите, ниту потребите на современото образование. Со овој нов објект, правиме крупен чекор кон обезбедување достоинствени услови за учење, воспитување и растење на децата од Ченто“, рече Стефковски.

 

Тој информира дека се гради современа училишна зграда на приземје и еден кат со вкупна површина од 3.128 метри квадратни, 30 специјализирани и опремени кабинети и капацитет за 713 ученици.

 

Стефковски рече дека станува збор за инвестиција од 3 милиони евра и дека се очекува изградбата да заврши во септември следната година.

 

„Станува збор за инвестиција од речиси 3 милиони евра која очекуваме да биде завршена до септември 2026 година. 30 нови училници и кабинети ќе им бидат достапни на наставниците и дечињата на школска возраст од оваа населба, а објектот ќе го користат и многу нови генерации. По 6 децении, старото училиште, ќе биде заменето со ново“, рече градоначалникот Стефковски.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.