ЗОО Скопје за последните случувања: Зоонегувателите професионално си ја вршат работата, да престанат дезинформациите и невистините

Зоолошката градина – Скопје моментно е дом на 646 животни од 91 вид за кои се грижат зоонегуватели што професионално си ја работат својата работа и имаат љубов кон сите животни, информираат од ЗОО Скопје во врска со последните случувања.

 

Нагласуваат дека се обраќаат до јавноста со надеж дека одредени поединци ќе престанат со ширење дезинформации и невистини.

 

„Поради пласирањето информации на начин и со цел да ја вознемират јавноста, како што се објавите за наше прикривање на угинати над 40 животни, сакаме да известиме за бројот на угинати, но и за бројот на родени животни во 2022, 2023 и во 2024 година, според официјалната евиденција и пописот. Во 2023 година се родени 40, а угинати 10 животни, а во 2024 година се родени 33 животни, а угинати 15 животни. Вкупниот број родени животни за овие три години е 73, а на угинати е 25. Повеќето од угинатите животни се единки што биле во длабока старост. Со оваа официјална бројка сакаме да ставиме крај на дезинформациите за угинати над 40 животни, како што се пласира во јавноста. Во нашата држава има уште многу институции кои се привремен или постојан дом на животни и луѓе, но од ниедна од нив не се очекува и бара ниту, пак, тие ја известуваат јавноста за секое угинато животно или починат човек поради тоа што, исто како и на нашата установа, така и ним, приоритет им е емпатијата кон блиските на угинатото животно или починатиот човек, како и невознемирувањето на јавноста, која има емпатија кон сите животни и луѓе. Напоменуваме дека огромен процент наши посетители се деца. Јавно ги каниме советниците од Советот на Град Скопје, сите медиуми, институции, здруженија и други групи директно или индиректно засегнати и заинтересирани за работењето на нашата установа, организирано и со најава, да ја посетат Зоолошката градина – Скопје и сами да се уверат во начинот на грижењето за животните и нивната благосостојба и да се уверат во отчетноста на нашата установа преку евиденцијата и документацијата што ги водиме и поседуваме“, нагласуваат во соопштението од Зоолошката градина – Скопје.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.