Град Скопје во рок од 30 дена, треба да обезбеди документација за изградба на СРЦ Езеро Треска
- Детали
- Категорија: Град Скопје
- Создадено: 16 Јануари 2019
Владата на седница ја усвои Програмата за развој на туризмот на Република Македонија за 2019, а беше разгледана и Информацијата за основање на туристичка развојна зона – Матка во Општина Сарај.
Владата даде препорака Град Скопје во рок од 30 дена да обезбеди постоечка документација за изградба на Спортско рекреативен центар Езеро Треска во Општина Сарај, а Министерството за економија во рок од 4 месеци до Влада на Република Македонија да достави Информација за текот на активностите за основање на туристичка развојна зона – Езеро Треска во Општина Сарај.
Поради остварување на заедничка цел и интерес за финансиско учество за изработка на проект за ревитализација на Езерото Треска, со што езерото повторно би се ставило во функција на граѓаните, Градот Скопје минатата година донесе одлука за воспоставување меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Сарај за изработка на проект за ревитализација на Езерото Треска каде градот во соработката ќе учествува со 7 милиони денари, средства обезбедени од Буџетот на Град Скопје.
Според претходни изјави на градоначалникот Петре Шилегов, студијата за езерото Треска изработена од претходното раководство, можеби ќе се употреби за изработка на проектот за ревитализација на езерото кое било место за релаксирање на скопјани цели 20 години, се до 1998 година кога истото е затворено за капачи поради загаденоста на водата. Најголема пречка за реализација на овој проект претставува прочистувањето на водата во езерото.
Минатата година се изработуваше колекторски систем на реката Треска, со што водите пречистени ќе влезат во Вардар и тој систем кој се гради се наоѓа пред влезот во Езерото Треска, што зачи дека води поминати низ колекторот ќе влезат во езерото.
Инаку, РЦ ,,Треска,, е изграден од 1978 година со средства од самопридонес на тогашните граѓани на Скопје. Инаку, езерото се протега на површина од 136.000 м2, длабоко е од 1,6 до 3 м и има капацитет од 10.000 капачи, а површина под зеленило во овој РЦ зафаќа повеќе од 186.500м2. Овој рекреативен комплекс ,,Езеро Треска,, во 1978 година свечено го отворил Претседателот на поранешна СФРЈ, Јосип Броз Тито при неговата посета на Скопје.
.be
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс