Ѓорѓиевски отвори нова сензорна соба во ООУ „Рајко Жинзифов“

На Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, 3 декември, Oпштина Кисела Вода продолжува со посветените активности за создавање општество на еднакви можности.

 

Во оваа насока, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес отвори сензорна соба во склоп на ООУ „Рајко Жинзифов“ во Драчево, наменета за поддршка на децата со попреченост и нивното целосно интегрирање во образовниот процес.

 

Дополнително, општината направи уште еден значаен чекор со потпишување на договор со Филозофскиот факултет, преку кој стручни кадри во ќе нудат бесплатна помош за децата со попреченост, обезбедувајќи им индивидуален пристап и поддршка. Во дворот на истото училиште во завршна фаза е изградбата на инклузивна училница на отворено, прва од ваков вид во општината. Инклузивните училници се дизајнирани да ги задоволат потребите на сите ученици, овозможувајќи им на децата со посебни образовни потреби да учат заедно со своите врсници. Оваа училница ќе биде опремена со дидактички материјали и предмети од секојдневниот живот кои поттикнуваат креативност, моторика, сетила и когнитивни способности.

 

-3 декември е ден кој нè потсетува на обврската како заедница да градиме општество на еднакви можности. Но, во Кисела Вода оваа заложба не е ограничена само на еден ден. Нашата посветеност на инклузијата е видлива во секој проект и активност што ја реализираме. Со гордост можам да кажам дека Кисела Вода е лидер во промовирањето и заштитата на правата на лицата со посебни потреби. Сензорните соби, каква што отвораме денес и во ООУ “Рајко Жинзифов” во Драчево, овозможуваат мултисензорно искуство за децата, со што се поттикнува нивниот когнитивен, емоционален и физички развој. Оваа соба е само дел од заложбите на општината, која веќе има отворено вакви простории во останатите училишта на својата територија. Исто така, потпишавме меморандум со Институтот за специјална едукација и рехабилитација и во рамките на оваа соработка ќе има стручна пракса со студентите и наставниот кадар од институтот во нашите сензорни соби, со што ќе им овозможиме на родителите поддршка и згрижување на децата со атипичен развој вон наставата и во попладневните часови.
Дополнително, ќе потсетам и на отворањето на бесплатниот дневен центар за децата со церебрална парализа, дневниот центар за лица со попреченост, обезбедувањето на тактилни патеки, Брајово писмо и други услуги за лицата со оштетен вид, како и рампи во објектот на општината. Воедно, Кисела Вода е првата општина која има целосно инклузивно основно училиште, а отвори и целосно инклузивна јавна детска градинка. Со сите вакви и слични проекти, постојано докажуваме дека веруваме во правото на секое лице за достоинствен живот. Остануваме посветени на создавање инклузивна средина, каде што секое дете и секој жител ќе се чувствуваат прифатени, ценети и рамноправни-изјави Ѓорѓиевски.

 

Во ООУ „Рајко Жинзифов“ има вкупно 16 ученици со попреченост, информираат од општината.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.