Љутков најави повеќе средства за одржување на филмското наследство во Кинотеката

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, при денешната работна посета на Кинотеката, потенцираше дека македонското аудиовизуелно наследство е многу значајно, но значајно е да се одржува и да има средства за тоа.

 

„Изминатите седум години, токму оваа институција, која е најстара институција задолжена за чување на аудиовизуелното наследство, во споредба со периодот пред 2017 година, имаше намален буџет за речиси 50 – 60 проценти, што ја покажува и недоволната посветеност на претходното раководство за грижата кон филмското наследство“, рече министерот Љутков, најавувајќи зголемување на буџетот за оваа национална установа.

 

Љутков потсети дека Кинотеката на Македонија во 2009 година беше меѓу водечките европски филмски архиви обезбедувајќи климатизирани депоа по меѓународни стандарди за чување на македонското филмско наследство, а во 2011 година беше меѓу првите европски филмски архиви од регионот коишто започнаа со реализација на долгорочниот проект за дигитализација и дигитална реставрација на аудиовизуелното наследство.

 

На средбата со новиот в. д. директор на оваа установа, Бошко Грујоски, беше истакнато дека во изминатите три месеци е завршена реставрацијата на дигиталната копија од краткиот игран филм „Писмо“, во режија на Васил Христов, а заврши и скенирањето на филмската копија на филмот „Мис Стон“, во режија на Жика Митровиќ, по што следува дигитална реставрација на овој игран филм. Во 2025 година следува дигитална реставрација на наслови од „златното време“ на македонскиот анимиран филм, како и дигитална реставрација на играниот филм „Македонска крвава свадба“, во режија на Трајче Попов.

 

Во фоајето на Кинотеката, заедно со новинарските екипи, министерот Љутков ги разгледа и фотографиите кои даваат приказ како изгледал запуштено пред три месеци и како изгледа сега споменикот на културата „Хавзи-пашини конаци“ во с. Бардовци, кој во изминатите години, како што рече, очигледно целосно бил заборавен.

 

При посетата беше истакнато дека овие три месеци е расчистен просторот пред депоата во Хавзи-пашините конаци каде што се чува фондот од светската продукција на 35-милиметарски филмови, со што е зголемена безбедноста на објектот и пристапот до зградата во која се чува дел од националното филмско наследство е непречен. Направена е интервенција на водоводната мрежа во Хавзи-пашините конаци и се презедоа мерки за санација на проблемот за да се спречи поголема штета.

 

На средбата со раководството на Кинотеката стана збор и за јубилејот 50 години од започнувањето на нејзината значајна културна активност, кој ќе се прослави во 2026 година, кој за што в. д. директорот Грујоски информираше дека вработените во оваа институција работат и на монографија за Кинотеката по повод прославата на 50-годишнината, а во наредниот период ќе се договорат сите филмски програми, гостувања, изложби и настани за одбележување на годишнината, со цел да се обезбеди пригодна програма во текот на целата јубилејна година.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.