„Анима мунди“: Куче над 20 пати ѕверски удирано по главата од вработен во фирма во Момин Поток

„Стравотен облик на суровост и изживување врз мирно бездомно животно во фирма во Момин Поток – куче над 20 пати ѕверски удирано по главата од вработен! Во друштво на четири полнолетни лица, мажи, мирно бездомно куче е удирано со дебело дрво, најкрвнички и со сета сила, без кој било да интервенира додека кучето квичи од болка и не може да избега или се спаси; случај што ќе останеше невиден доколку не беше евидентиран на камерите за видеонадзор“, велат од „Анима мунди“.

 

„Со какви психопати сме опкружени, доколку од 5 лица, ниту еден во ова ѕверство не препознава екстремна суровост, инстинктивно не се обидува да интервенира и го сопре?

 

Како и во секоја нормална држава, бараме итно процесирање кривична постапка и најстрога тригодишна казна затвор за сторителот.

 

Три години затвор, без исклучок, зашто ваква омраза и суровост може да направи само девијантно и крајно опасно, садистичко битие, психопат без контрола и без грам емпатија кон послабите.

 

Колку за илустрација, во Англија би бил осуден на петгодишна затворска казна, а во Грција за вакво мачење се предвидува и до 10 години затвор и глоби до 15.000 евра.

 

Државата мора да ја препознава и најстрого казни суровоста кон животните, која во државите во ЕУ е индикатор за насилство врз деца, жени, ранливи категории; показател на сериозна психопатологија.

 

Согласно информациите што ги имаме, овој монструм е приведен и нема да дозволиме да се извлече. Бараме јавно произнесување на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во однос на овој случај, кој е шокантен и кој ќе го следиме до крај.

 

„Анима мунди“ изготви предлог-иницијатива за измена и дополна на Кривичниот законик, која наредната недела ќе биде доставена во Владата, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и до ресорните министерства, секако и до медиумите и јавноста, за што очекуваме унифицирана поддршка од сите релевантни субјекти. Насилството врз животните е показател на сериозна психосоцијална и морална девијација и мора да се препознае како такво, превенира, казни, запре!

 

Благодарност за човекот што го однел во ЈП „Лајка“, ветеринарите на ЈП „Лајка“ и доктор Марин Величковски, кои се борат за да се спаси ова куче, мирно и најкротко на свет.

 

Ние се бориме вакво нешто да не се повтори, а сторителот и таквите како него да не излезат од зад решетки“, се вели во соопштението на „Анима мунди“.

 





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.