Наставници кои воопшто не го знаат знаковниот јазик им предаваат на учениците со оштетен слух во средното „Партенија Зографски“, утврди Омбудсманот

Канцеларијата на Народниот правобранител утврди дека во единственото државно средно училиште за ученици со оштетен слух во земјава „Партенија Зографски“ во Скопје, предаваат наставници кои воопшто не го познаваат знаковниот јазик или пак не го познаваат доволно. Васка Бајрамовска – Мустафа од канцеларијата на Народниот правобранител рече дека нивната анализа покажала дека ниту еден наставник нема шесто, највисоко, ниво на познавање на знаковниот јазик иако обуките за наставниците се бесплатни.

 

„Особено загрижува фактот што постојат наставници кои не го знаат воопшто, а има и такви кои се на почетно ниво на изучување на знаковниот јазик. Иако дел од нив веќе подолго време се вработени во училиштето односно имаат повеќе години работно искуство во училиштето. Во учебната 23/24 година тројца наставници почнале почетна обука. Прво ниво на обука имале завршено тројца наставници, за жал дури двајца од нив се со стаж од 15 години односно 20 години. Двајца вработени завршиле второ ниво на обука и четворица со трето ниво на обука. Со завршено четврто ниво имало деветмина вработени, а е петто ниво на обука имале завршено четворица наставници. За жал ниту еден од вработените нема завршено шесто ниво ниво на обука на знаковен јазик. Во оваа учебна година податоците што ги обезбедивме покажуваат дека нема значителни промени. Напредување во следно ниво има кај вкупно шестмина наставници и тоа еден од вработените од второ ниво преминал на трето, двајца од трето преминале на четврто ниво, двајца од четврто преминале на петто ниво, а еден наставник кој бил петто ниво во меѓувреме се стекнал со сертификат за толкувач. За жал сите останати наставници и воспитувачи се на истото ниво на познавање на знаковниот јазик како и минатата учебна година“, рече Бајрамовска-Мустафа.

 

Таа нагласи дека во училиштето има двајца вработени со оштетен слух. Едниот е на работно место воспитувач, а другиот е наставник по практична настава чиј мајчин јазик е знаковниот јазик, како што бара Конвенцијата за првата на лицата со попреченост.

 

Во разговори со учениците, за што претставниците на Омбудсманот ангажирале сертифициран толкувач, откриле дека најголем дел наставници наставата ја изведуваат вербално, со пишување на табла или пак со споделување печатени материјали кои на учениците не им се доволно јасни. Оценувањето, пак, учениците го нарекле лотарија.

 

„При проверка на знаењата, односно за време на испрашувањето, учениците кажаа реченици од типот ‘нашето оценување е како лотарија, ставаат двојки, тројки, четворки, петки без да ни го проверат знаењето. Доволно е само да го препишеме тоа што го пишуваат на табла’. Дополнително укажаа дека одговараат со помош на соученик кој е наглув и кој добро го знае знаковниот јазик и во една таква состојба, ваквиот ученик има улога на толкувач“, вели Бајрамовска – Мустафа и објаснува дека учениците не се чувствуваат доволно спремни да ги продолжат образованието на факултет или пак да се вработат.

 

Денес, по повод Денот на лицата со попреченост, Народниот правобранител испрати препораки до училишниот центар и до Министерството за образование за преземање итни мерки со кои ќе им се овозможи на учениците со оштетен слух да добијат образование на знаковен јазик.

 

На училиштето му препорача за воспитно наставниот кадар кој во моментот реализира настава, а не го познава или не го познава солидно знаковниот јазик да обезбеди сертифицирани толкувачи на знаковен јазик во наставата со цел ефикасна и квалитетна комуникација со учениците и соодветно пренесување на наставните содржини.

 

Има препорака и компетентни лица, сертифицирани толкувачи, редовно да вршат евалуација на нивото на познавање на знаковниот јазик на наставно-воспитниот кадар за да се утврди евентуалната потреба од дополнителни, напредни и поспецифични обуки за изучување на знаковниот јазик во одредена научна област.

 

На Министерството за образование, пак, Омбудсманот му препорача да преземе мерки за системско решавање на проблемот со непознавање на знаковниот јазик на начин што ќе го уреди познавањето на знаковниот јазик како облигаторен за наставно – воспитниот кадар на соодветно ниво согласно работното место, но и за другиот работен кадар кој е во секојдневен контакт со учениците со оштетен слух.

 

Заедничка препорака за Министерството, училишниот центар и здруженијата на граѓани за лица со оштетен да преземат мерки со цел обезбедување задолжителни континуирани обуки за вработените за изучување на знаковниот јазик преку кој ќе се зајакнат и подобрат вештините на употреба на знаковниот јазик  во комуникацијата со учениците.

 

Во „Партенија Зографски“ оваа учебна година има вкупно 45 ученици, што е за шест ученици повеќе отколку минатата учебна година.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.