МОН: Децата ни се најважни, инклузијата ја приближуваме до нивните потреби
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 03 Декември 2024
Министерството за образование и наука посветено работи за децата со посебни образовни потреби да добијат квалитетно образование во0 согласност со потребите и можностите, да го достигнат својот целосен потенцијал и да израснат во граѓани вклучени и ангажирани во општеството. Денес, на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, велиме ДА за функционална инклузија, НЕ за систем од кој родителите се незадоволни, а наставниците имаат големи забелешки.
Изминатите неколку месеци во интензивни контакти со сите засегнати страни беше јасно предочено дека концептот на тотална инклузија функционира само на хартија, а во пракса не се спроведува и затоа нема очекувани ефекти. Повеќето родители на деца со попреченост сметаат дека сегашниот образовен модел само го продлабочува јазот меѓу различните и ги дискриминира нивните деца.
Затоа правиме промена на моделот на инклузивно образование – секој родител, во согласност со функционалната процена (по МКФ) и заедно со стручни лица, ќе може да одлучи дали неговото дете ќе учи во редовно или посебно училиште со ресурсен центар. Но, без разлика во кое училиште ќе оди, Министерството за образование и наука има цел да обезбеди приспособена поддршка, која одговара на индивидуалните потреби и аспирации на секое дете.
Работиме на континуирано зголемување на бројот на образовни асистенти. Оваа училишна година во наставата во основните училишта вклучивме над 1.000 стручни лица, најмногу досега. Новиот Закон за средното образование, кој ќе биде донесен на почетокот на 2025 година, предвидува образовни асистенти и во средните училишта. Исто така, ја продолжуваме поддршката за наставниците преку обуки за да може квалитетно да одговорат на барањата на децата со посебни потреби. Во рамките на буџетските можности, ќе ги подобриме уловите во училиштата со ресурсен центар откога претходно на терен ќе ја утврдиме состојбата во секое училиште посебно. Тоа значи соодветна асистивна технологија и опрема, што ќе им помага и ќе ја зголеми независноста на учениците со посебни образовни потреби.
Министерството за образование и наука работи истовремено на подобрување и приспособување на реалните потреби во сите сегменти на образованието. Имаме силна поддршка на меѓународните институции, од каде што ги користиме најдобрите светски практики. Сите чекори ги правиме со целосна вклученост на оние на кои се однесуваат и кои ги бараат промените – учениците, наставниците, родителите, универзитетите и стручните здруженија. Децата ни се најважни, сите заедно можеме да изградиме подобра иднина за нив.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс