Силјановска-Давкова за Меѓународниот ден на лицата со попреченост: Обврска ни е да изградиме општество на еднакви можности

Меѓународниот ден на лицата со попреченост нè потсетува на нашата обврска да изградиме општество на еднакви можности, каде поддршката и разбирањето се темел на секојдневната посветеност за интеграција на лицата кои своите способности ги изразуваат на различен, но подеднакво значаен начин, порача претсеадателката Гордана Силјановска-Давкова по повод 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

 

„Овие личности се неразделен дел од раскошниот мозаик на нашето општество. Со своите уникатни начини на манифестирање на знаењето, енергијата, креативноста и талентот, зрачат непроценлива вредност и додаваат посебна димензија во нашето секојдневие. Нивната видливост и активна вклученост во процесите на одлучување е нужна, оти никој не може подобро и посилно да ги застапува нивните интереси од нив самите.

 

Хуманизмот и солидарноста, темелни вредности на уставниот поредок, нè обврзуваат да ги гледаме различностите како извор на сила и прогрес, а не како ограничување. Македонија, како социјална држава, ја втемелува својата визија врз постулатите на еднаквост и правда за сите граѓани. Затоа, правичната и соодветна застапеност мора да се однесува и на лицата со попреченост.

 

Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, којашто нашата држава ја има потпишано и ратификувано, не е само правен документ, туку и завет за целосна инклузија и активно учество на овие лица во сите сфери на општествениот живот.

 

Нека 3 Декември биде симбол на надеж и повик за создавање инклузивна заедница, каде секој глас ќе биде слушнат, секое право заштитено, а секоја можност подеднакво достапна за сите. Само така, Македонија ќе биде пристојно место за живеење, просперитетна држава и дом на среќни и достоинствени граѓани!“, се вели во пораката на Силјановска.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.