Трета стручна дебата за измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет: по сите случувања во Судскиот совет, неопходно е да се преземат мерки за имплементирање на препораките од оценската мисија
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 03 Декември 2024
Во Апелациониот суд во Штип се одржа третата тркалезна маса за потребата од измени и дополнувања на Законот за Судскиот совет. Ова е само еден од неколкуте настани за консултации кои Министерството за правда во соработка со проектот ,,Поддршка на ЕУ за владеење на правото “ планира да ги организира, со цел да се обезбеди транспарентен и инклузивен процес кој ќе придонесе кон унапредување на законската рамка која го уредува работењето на Судскиот совет, истакнуваат од Министерството за правда.
Државниот секретар на Министерството за правда, Дајанчо Ефтимов, во своето обраќање рече дека после сите случувања во Судскиот совет, неопходно е да се преземат мерки за имплементирање на препораките од Оценската мисија.
„Независноста на судството е еден од најважните столбови на секоја држава. Притоа, Судскиот совет е клучниот орган за нејзиното гарантирање. Токму затоа, исклучително внимание се посветува на работата и функционирањето на овој орган. Донесувањето на Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет е дел од активностите и на клучните стратегиски документи: Планот за раст и на Развојната секторска стратегија за правосудството 2024 – 2028 година. На ова законско решение подолг период има работено работна група составена од судии, членови од Судскиот совет и претставници од науката. Ставовите, мислењата и предлозите за понудените законски решенија ќе бидат од особено значење при дефинирањето на конечните законски одредби”, рече Ефтимов.
Според министерството, заклучоците и препораките од тркалезната маса ќе бидат основа за понатамошно подобрување на текстот на измените и дополнувањата на Законот за судскиот совет.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс