Во некои министерства има притисоци вработените да не излегуваат на протест за поголема плата, Деановски ќе ги каже до крајот на неделата

Државната администрација од неколку министерства и денес излезе на получасовен протест со барање за 30 отсто поголема плата и потпишување колективен договор. Претседателот на Синдикатот на вработените во управата, правосудните органи и здруженијата на граѓаните (УПОЗ), Трпе Деаноски, денес, пред Министерството за култура, ја замоли опозицијата да не се лепи на протестот, а на Владата ѝ порача да не го меша УПОЗ со некој друг синдикат.

 

„Не случајно на вториот ден од протестите сме тука пред Министерството за култура. Во 2023 година токму овие вработени 21 ден по ред протестираа пред Владата на Република Македонија со истите барања како и денес – потпишување на колективните договори и зголемување на платите на вработените. Нашите барања се исти со години и секој обид од страна на Владата или политичките партии да докажат дека има политика во протестите или во работата на Синдикатот ќе биде залуден.

 

Да ја замолам сегашната опозиција да не се лепи на овие протести бидејќи имаа седум години да го решат овој проблем, но наместо да го решат, направија сѐ што може да го забранат колективното договарање, па дури беа и првата влада што поништи колективен договор. Да ја поправам вчерашната изјава на Владата бидејќи очигледно го има помешано Синдикатот на УПОЗ со друг синдикат“, рече Деаноски и потсети дека изминативе три години УПОЗ има организирано три штрајка и најмалку 20 протести.

 

На вториот ден протести на државната администрација некои од вработените се пожалија дека има министерства во кои се вршат притисоци да не се излегува на протест.

 

„Во неколку министерства, да, има притисоци да не се излегува на протест. Моментно не можеме да ги кажеме, но ќе одговориме на тоа до крајот на неделата“, рече Деаноски.

 

Бранко Костовски, претседател на синдикална организација при Министерството за култура и туризам на УПОЗ, рече дека платите на 70 проценти од вработените во Министерството за култура се под просечната плата, а разликата со платите на вработените на истите позиции во државните органи, кои го добија додатокот на основната плата, е 30 проценти. Синдикалната организација при Министерството за култура и туризам пред повеќе од две години има изработено предлог-текст на колективниот договор, кој предвидува објективно и коректно покачување на платите на вработените во висина од 30 %, исто како и покачувањето за вработените во Министерството за финансии, Министерството за одбрана, Генерлниот секретаријат на Владата, СОЗР, УЈП, Царинската управа, државната администрација при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ . Ние го поздравуваме покачувањето на платите на нашите колеги од другите државни органи, но истовремено бараме од министерот за финансии, Владата и од премиерот да не дозволат нерамноправен третман на вработените во државните органи“, рече Костовски.

 

На протести за 30 отсто поголема плата и потпишување на колективните договори излегуваат вработените од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, Министерството за земјоделство, Министерството за правда, Министерството за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерството за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив. В петок најавија дека ќе протестираат пред Министерството за финанси.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.