Поранешниот грузиски премиер претепан од членови на проруската владејачка партија

Во Батму, град на брегот на Грузија, брутално беше претепан поранешниот премиер и лидер на опозициската партија За Грузија, Георги Гахарија, кој доби потрес на мозокот и скршеница на носот. За нападот се осомничени пратеници од владејачката партија Грузиски сон, а како што објави „Грузија тудеј“, нападот се случил во фоајето на хотелот „Шератон“.

 

 Според грузиските медиуми, очевидци тврдат дека во нападот учествувале пратеникот од партијата Грузиски сон, Дмитриј Самхарадзе, со уште неколку лица. Полицијата соопшти дека повела постапка по член од Кривичниот законик за телесни повреди, но не ги коментираат информациите за вмешаност на пратеникот во инцидентот.

 

Медиумите посочуваат дека полициската патрола пристигнала на местото само 40 минути подоцна, многу подоцна од брзата помош. Во тоа време персоналот на хотелот веќе почнал да го чисти местото на инцидентот, а од клиниката во која бил пренесен Гахарија било пријавено дека тој одбил хоспитализација и ја напуштил болницата по укажаната прва помош.

 

 

„Според достапните податоци, врз него е извршено физичко насилство. Извршени се клинички, лабораториски и инструментални прегледи. Пациентот е свесен, хемодинамиката е стабилна. Најтешките повреди се фрактура на носната коска и потрес на мозокот. Пациентот ја напуштил клиниката по своја слободна волја“, рече докторката Тако Шантаџе.

 

Партијата За Грузија објави соопштение во врска со нападот врз нејзиниот лидер и повика на итна и темелна истрага.

 

„Партијата За Грузија бара итна и темелна истрага за овој насилен напад организиран од режимот на Иванишвили и повикува сите одговорни да бидат целосно казнети. Овој политички мотивиран напад е јасен обид да се заплаши опозицијата и да се задуши несогласувањето. Таквите акции никогаш нема да ги замолчат гласовите што се борат за демократската и за европската иднина на Грузија“, се вели во соопштението.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.