Телефонски разговор Муцунски – Саар: Чекор напред е договорот за ослободување на заложници и прекин на огнот во Газа

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес оствари телефонски разговор со неговиот израелски колега, министерот за надворешни работи на Државата Израел, Гидеон Саар.

Во текот на разговорот, министрите разменија мислења за актуелните состојби на регионален и глобален план, како и за билатералните односи меѓу двете земји.

Министерот Муцунски го искористи разговорот за да му честита на г-дин Саар за неговиот избор на функцијата министер за надворешни работи на Израел, изразувајќи желба за успешна соработка во иднина. Тој истакна дека неговото водство доаѓа во предизвикувачки период за Израел.

Муцунски го поздрави и неодамнешниот договор за ослободување на заложници и прекин на огнот во Газа, нагласувајќи го како значаен хуманитарен чекор напред и можност за воспоставување траен мир во целиот регион.

Двајцата министри дискутираа за потенцијалот за продлабочување на билатералните односи, со посебен фокус на економската, технолошката и научната соработка. Исто така, беа разгледани можностите за размена на искуства и знаења во области како образование, здравство, земјоделство, стартап екосистеми, технологија, туризам и култура.

Министерот Муцунски го информираше својот соговорник за одбележувањето на Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, нагласувајќи ја важноста на сеќавањето и почитта кон еврејската заедница и нејзиното наследство во нашата земја.

Двајцата министри се согласија да продолжат со блиска комуникација и соработка во интерес на двете земји.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.