(Видео) Мицкоски: 250 милиони евра од унгарскиот кредит ќе бидат наменети за развој на домашните компании
- Детали
- Категорија: Бизнис
- Создадено: 28 Јануари 2025
На денешната владина седница беше донесена одлука, со која му се става на располагање на стопанството сума од 250 милиони евра – средства од унгарскиот заем – за инвестиции и развој на домашните компании.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ова е историски досега најголема сума што директно се става на располагање на стопанството и преставува прва одлука со ваков износ, кој досега државата го обезбедува за стопанството, домашните компании и фирми и тие може да ги користат овие пари преку давање пазарни услови, супер ниска каматна стапка.
„Овие пари се од унгарската кредитна линија, а методологијата по која овие пари ќе станат достапни за компаниите е преку Министерството за финансии, кое со цел воспоставување на кредитната линија за финансирање инвестиции и развој на приватни трговски друштва ѝ одобри на Развојната банка бескаматен заем во износ од 250.000.000 евра. Развојната банка ќе им ги стави на располагање на банките учеснички преку рамковен договор за учество со намена финансирање на инвестициите и развој на приватните трговски субјекти запишани во Трговскиот регистар. Максималниот рок е оној што го зборувавме, до 15 години, со вклучен грејс-период до 3 години за банките учеснички. Краен датум е 15 години од датумот на потпишување на договорот за задолжување. Банките ќе ги одобруваат кредитите на крајните корисници, при што средствата може да се користат за инвестиции во основни средства. Крајниот корисник задолжително учествува со минимум 20 % од вредноста на инвестицијата. Каматната стапка на годишно ниво си останува 1,95 %, она што веќе ѝ е познато на македонската јавност, без дополнителни надоместоци за одобрување, управување и предвремена отплата на средствата. Максималниот износ на кредитот ќе биде до 10 милиони евра во денарска противвредност“, појасни Мицкоски.
Изрази благодарност до банките што изразија интерес да учествуваат во распределбата на овие пари за стопанството, а Министерството за финансии преку развојната банка ќе го менаџира овој процес.
Мицкоски очекува значајно влијание за стопанството од овие средства и пари што доаѓаат во време на криза, предизвици и отежнати глобални услови за домашните компании.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс