Возачот кој ја усмрти Фросина на „Партизанска“ возел под дејство на алкохол, без возачка и поминал на црвено светло
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 30 Јануари 2025
Дваесетгодишникот кој синоќа усмрти 22-годишна девојка на Партизанска, управувал возило на неговиот татко, без возачка дозвола, а бил и под дејство на алкохол.
Скопското Обвинителство донесе наредба за истражна постапка.
„Автомобилот го управувал без возачка дозвола и под дејство на алкохол со 0,82 промили присуство на алкохол во урина, со што го довел во опасност животот на луѓето. Кога дошол пред обележан пешачки премин на крстосницата со ул.„29-ти Ноември“, не ја приспособил брзината на движење на возилото спрема својствата и состојбата на патот и сообраќајот и другите сообраќајни услови за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка. Пред пешачкиот премин регулиран со семафори кои за време на незгодата работеле исправно, продолжил со движење на вклучено црвено светло на семафорот и со предниот лев дел од возилото удрил во телото на пешакот-жртва Фросина Кулакова, која на обележан пешачки премин попречно ја преминувала коловозната лента. Од ударот оштетената се здобила со тешки телесни повреди од кои на лице место починала“, велат од Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс