Панамскиот претседател: Каналот и припаѓа на Панама, нема да разговарам за тоа
- Детали
- Категорија: Свет
- Создадено: 30 Јануари 2025
Претседателот на Пaнама, Хозе Раул Мулино, денеска изјави дека нема да разговара за контролата на Панамскиот канал со американскиот државен секретар Марко Рубио, кој треба да ја посети земјата викендов, што ќе биде негова прва официјална посета во странство.
Мулино ова го изјави на неделна прес-конференција, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе ја преземе контролата врз Панамскиот канал, тврдејќи дека е управуван од Кина. Панамската влада жестоко го негира ова.
„Не можам да преговарам, а камоли да отворам преговарачки процес за каналот“, рече Мулино.
„Тоа прашање е затворено. Каналот и припаѓа на Панама. Со каналот долг 82 километри управува независна панамска агенција надгледувана од панамската влада.
САД го изградија каналот на почетокот на 20 век и ѝ ја предадоа контролата на Панама во 1999 година, две децении откако беа потпишани низа договори со кои се гарантира неговата постојана неутралност. Трамп тврди дека овој договор се прекршува и дека Кина го контролира каналот бидејќи таму има војници. Тој не презентираше докази за ова.
Американскиот претседател тврди и дека САД плаќаат премногу за транзит низ каналот.
„Не добив апсолутно никакви информации од американската амбасада во Панама, ниту од државниот секретар со кој соработуваме за миграциските прашања, за наводно воено присуство на друга земја во каналот“, рече Мулино.
„Панамскиот канал е контролиран од Панама и неговото управување отсекогаш било во рацете на Панама“, заклучи тој.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:
Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс