
Средба на претседателката Сиљановска-Давкова со истакнати научници – носители на престижни признанија
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 04 Февруари 2025

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера ги прими професорите – добитници на признанието за посебен придонес за развој на научноистражувачката дејност и интернационализација и афирмација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 2022 и 2024 година.
Добитници на плакети за исклучително достигнување во кариерата и објавени повеќе од 100 научни трудови, индексирани во базата Web of Science, се: академик проф. д-р Валентин Мирчески, академик проф. д-р Сашко Кедев, проф. д-р Владимир Трајковиќ, проф. д-р Љупчо Пејов, проф. д-р Ефтим Здравевски, проф. д-р Христијан Ѓорески, проф. д-р Петре Макрески, проф. д-р Златко Левков, проф. д-р Трајче Стафилов, проф. д-р Марјан Гушев, проф. д-р Лилјана Гавриловска, проф. д-р Гоце Спасовски и академик проф. д-р Љупчо Коцарев.
Добитници на плакети за меѓународно признаена извонредност преку застапеност во листата на Stanford University World’s Top 2% Scientists за цела кариера се: академик проф. д-р Валентин Мирчески, академик проф. д-р Љупчо Коцарев, проф. д-р Иван Грозданов, академик проф. д-р Леонид Грчев и проф. д-р Трајче Стафилов и добитничка на плакета за раководење на најголем број меѓународни проекти е проф. д-р Лилјана Гавриловска.
Упатувајќи им честитки за престижните признанија, претседателката истакна дека во науката и образованието линијата меѓу големите и малите држави се релативизира, оти има примери на мали држави со успешно образование и наука.
Според претседателката, наспроти драматичниот пад на УКИМ на Шангајската листа, светски признатите научноистражувачки успеси на горенаведените научници ги прават македонската наука и држава препознатливи и компетитивни во глобални рамки.
Професорите ѝ се заблагодарија на претседателката за поканата и можноста да ги презентираат своите видувања и предлози за унапредување на науката, изразувајќи цврста увереност дека научноистражувачката дејност е главен агенс на општествениот развој.
Претседателката и присутните се согласија дека нема поплодотворна инвестиција од онаа во науката и во образованието.
Присутните професори ги презентираа своите научни приказни и видувања. Според нив, на долгиот, тежок и творечки научен пат кон престижни странски универзитети, најчесто биле сами, со своето знаење, научен порив, труд и посакувани резултати.
Дискутантите ја афирмираа обврската на државата континуирано и сигурно да ги поддржува најдобрите студенти, професори и истражувачи, посакувајќи и приватниот сектор да биде нивен сојузник.
Сите се согласија дека издвојување од 0,3% е недоволно за научен развој. Укажаа на неопходноста од преиспитување на димензионираноста и квалитетот на македонската високообразовна мрежа, како и неопходноста од заострување на критериумите за напредување во академската кариера.
Беа посочени странски образовни и научни примери на поддршка и стимулирање на најкомпетитивните универзитети, факултети и поединци.
Се предложи негување, проширување и интензивирање на образовно-научната соработка на национално, регионално, европско и светско ниво, а особено со нашата научна дијаспора.
Бројните пречки во користењето на странските средства, според професорите наметнуваат потреба од дебирократизација на сложената постапка за користење и нивно лоцирање кај носителите на конкретната научна активност.
За сите учесници, вклучувањето на најзасегнатите, односно професорите, е императив за успешни образовно-научни реформи.
Претседателката, на крајот, истакна дека таа, премиерот и министерката за образование, како долгогодишни професори имаат не само политичка, туку и етичка обврска да застанат на страната на образованието и науката како докажано најважни развојни фактори.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
