Кривичниот суд за случајот со Фросина: Јавноста да не подлегнува на провокации и шпекулации, како и стигматизирање и линч на еден судија

Судиите и подружницата на Здружението на судиите на РСМ при Основниот кривичен суд Скопје изразува длабоко жалење за загубениот млад живот при сообраќајната несреќа што ја потресе јавноста, се наведува во пишаниот допис до медиумите.

 

„Како судии ги подржуваме граѓаните во нивните барања за системските промени, што впрочем е и заложба на премиерот, а се однесува за зголемување на безбедноста во сообраќајот, што во извесна мера значи и промена на одредбите во Кривичниот законик за овој тип кривични дела, кои очигледно често се повторуваат, а кои одредби неретко и ги ограничуваат судиите во нивното постапување.

 

Поттикнати од бурните реакции во јавноста по повод донесената неправосилна пресуда за сосема друг случај, како судии цениме дека е потребно да се обратиме до јавноста со цел заштита на угледот на судиската функција, но и демантирање на сите шпекулации и лажни вести. Најпрвин во однос на кривичната пресуда за предметот К. бр. 1439/24 против В. Ј., ја информираме јавноста дека таа се однесува на кривичното дело за наркотици и таа сѐ уште не е правосилна, односно е во фаза на одлучување во Апелациониот суд Скопје. Судијката Даниела Алексовска-Стојановска при одлучувањето за санкцијата се водела исклучиво во согласност со законските одредби, слободното судиско убедување и воспоставената судска пракса, како и наводите на јавниот обвинител, кој во завршните зборови навел: обвинетиот е многу млад и досега не бил во судир со законот, па во овој комплексен предмет најмногу поради возраста на обвинетиот и фактот што потекнува од современо функционално семејство, на судот му останува задачата да определи најдобра санкција со која ќе му се влијае на обвинетиот да сфати дека презел противправни дејства.
Неточни се шпекулациите дека обвинетиот бил претходно осудуван и се воделе други кривични постапки против него, што е евидентно и од наводите на јавниот обвинител и казнената евиденција, а кои се тие фамозни 10 пријави по кои постапувал истиот судија за истиот обвинет се прашуваме и ние, зошто такви пријави не се процесирани до судот.

 

Изречената кривична санкција била во согласност со законските одредби од КЗ, но и како што е предложено од обвинителот во завршните зборови – најдобра санкција, со која ќе му се влијае на обвинетиот да сфати дека презел противправни дејства.
Прашање е дали, доколку била изречена и казна затвор, мерката притвор ќе можела да опстои пред повисоките судски инстанции имајќи ја предвид досегашната судска пракса, препораките од Судот за човекови права во Стразбур и постојаните критики на меѓународната заедница дека мерката притвор не смее да се користи како казна. Дотолку повеќе што и при укинувањето на мерката притвор јавниот обвинител не вложил жалба на притворот, туку вложил само кривичната санкција.
Иако не е суштина на проблемот, истакнуваме дека судот преку медиумите првпат дозна дека ова лице и претходно било сторител на сообраќајна незгода, но наместо таа да се процесира во судот, завршила во Јавното обвинителство, каде што, во согласност со обвинителот, платил глоба од 18.000 денари.
Надлежните органи може да утврдат дали и во овој случај имало умисла кај лицето.
Како судии ги повикуваме надлежните судски институции да ги искористат механизмите за проверка на првостепната пресуда и да утврдат дали постојат евентуални пропусти во постапката и дали воопшто имало услови за изземање на судикјата во контекст на сите шпекулации за нејзина поврзаност со семејството на обвинетиот.
Нејасна е конекцијата на овој предмет со кривичното дело што било сторено 7 месеци по донесувањето првостепена пресуда или, пак, со кој било друг предмет што се водел кај истиот судија.
Неказнивоста во нашето општество не е генерирана само од судската власт, туку е проблем на сите три власти, а тоа може да се утврди доколку се имаат предвид сите закони за амнестија, помилувања и измени на Кривичниот законик со кои целосно или делумно се ослободени голем број осуденици лица.
Судиите постапуваат исклучиво врз основа на Уставот, законите и меѓународно ратификуваните договори раководејќи се по начелата за независност, непристрасност и правичност, но и начелото на јавност и праксата од јавно достапните правосилни пресуди.
Ја повикуваме јавноста да не подлегнува на провокации, лажни вести и шпекулации, како и стигматизирање и линч на еден судија заради постигнување други цели.
Сѐ додека разумно не се согледаат причините за ваквите пропусти, можноста за нивно повторување се зголемува. Затоа во име, не само на последната жртва, туку во име на сите претходни жртви во сообраќајот изразуваме сочувство и бараме со рационален и објективен пристап да се утврдат причините за овие немили настани со цел да изградиме побезбедно општество за граѓаните во чие име ги носиме пресудите“, се нагласува во соопштението од судиите и подружницата на Здружението на судиите при Основниот кривичен суд Скопје.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.