Меџити-Сешнс: Поддршката од САД останува клучна за демократскиот и евроатлантскиот развој на Македонија

Првиот заменик-претседател на Владата на Република Северна Македонија, Изет Меџити, за време на неговата официјална посета на Соединетите Американски Држави, оствари средба со американскиот конгресмен Пит Сешнс, член на Републиканската партија и Претставничкиот дом на САД.

 

На оваа средба се дискутираше за билатералните односи меѓу Северна Македонија и САД, со посебен фокус на можностите за продлабочување и проширување на соработката во области од заемен интерес.

 

Првиот заменик-претседател на Владата нагласи дека поддршката од САД отсекогаш била и останува клучна за демократскиот и евроатлантскиот развој на Северна Македонија.

 

„Од претходните официјални средби и посети, но и од оваа сегашна, сфатив дека сме благословени со пријателството и поддршката од САД. Односите меѓу Северна Македонија и САД ќе се интензивираат во интерес на граѓаните и нашите општества,“ изјави Изет Меџити.

 

Тој ја искористи можноста во име на граѓаните и институциите на Северна Македонија да изрази благодарност за постојаната и континуирана поддршка од Соединетите Американски Држави кон нашата земја.

 

Оваа средба е дел од ангажманите на првиот заменик-претседател на Владата за зајакнување на стратешките партнерства и унапредување на интересите на Северна Македонија на меѓународната сцена.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.