Божиновска од Атина: Македонија не е повеќе пасивен набљудувач, инвестираме и градиме независен енергетски систем кој ќе ја зајакне стабилноста на целиот регион

Министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси Сања Божиновска, учествуваше на Енергетскиот самит во Атина, Грција, каде што беше говорник на панелот со наслов „Енергетската голема игра – Геополитика и глобалниот енергетски пазар“.

 

Во своето обраќање Божиновска истакна дека енергијата не е само економски сектор, туку и стратешки ресурс, дипломатска алатка и безбедносен императив. Таа нагласи дека Македонија, како земја на крстопатот на Југоисточна Европа, се соочува со предизвици и можности во контекст на глобалните енергетски промени.

 

„Енергијата веќе не е само економски сектор – таа е стратешки ресурс, дипломатска алатка и безбедносен императив. Глобалните енергетски промени ни покажаа дека ниту една земја не може да си дозволи целосна зависност од надворешни извори. Лидерите на 21 век ќе бидат оние што ќе преземат одлучни чекори за диверзификација на енергетските извори, инвестиции во домашното производство и зајакнување на регионалната соработка. Македонија беше зависна од увоз на енергија, но денес ја менуваме таа приказна. Инвестираме во обновливи извори, градиме модерна енергетска инфраструктура и креираме законска рамка што го привлекува приватниот капитал. Нашата цел не е само стабилно снабдување со енергија – сакаме да бидеме енергетски независна држава и активен чинител на регионалниот пазар на енергија“.

 

Таа ги презентираше напорите на земјата за постигнување енергетска независност преку инвестиции во обновливи извори на енергија, како што се соларните проекти „Битола 1“ и „Осломеј 2“ со капацитет од 30 MW, кои ќе произведуваат 46 GWh годишно, доволно за 7.000 домаќинства, со што ќе се намалат 40.000 тони CO₂ емисии годишно. Исто така, таа го спомена и развојот на ветерниот проект во Штип со капацитет од 400 MW.

 

Божиновска ја потенцираше важноста на регионалната соработка за енергетска безбедност, истакнувајќи ги проектите за интерконекција со Грција, со кои земјата не само што ќе заштеди 12 милиони евра годишно, туку и ќе ја зајакне стабилноста на целиот регион. Таа исто така ги истакна законодавните реформи во енергетскиот сектор, вклучувајќи го новиот Закон за енергетика, усогласен со директивите на ЕУ, и Законот за обновливи извори на енергија, кој отвора можности за батериско складирање, децентрализирано производство на енергија и интеграција на паметни мрежи.

 

Министерката ја заврши својата презентација со повик за заедничка работа и партнерство за изградба на енергетски безбедна Европа и одржлив свет.

 

Енергетскиот самит во Атина е водечка конференција во енергетската индустрија,

 

Енергетскиот самит (Athens Energy Summit) се одржува по 14 пат, традиционално ги обединува глобалните лидери за дискусија на критични прашања поврзани со енергијата и нејзината иднина.

 

Божиновска, на маргините на Самитот во Атина, оствари и билатерални средби со министерот за животна средина и енергија на Грција, Теодорос Скилакакис и министерот за енергетика, трговија и индустрија на Кипар, Џорџ Папанастасиу.

 

Фокусот на разговорите беше важноста на меѓународната соработка за забрзување на енергетската транзиција, продлабочување на соработката во областа на обновливите извори на енергија, со акцент на примената на батериски системи, моделите за субвенции за домаќинства што инвестираат во фотоволтаици и размена на искуства во енергетската регулатива.

 

Министерот Папанастасиу ја покани министерката Божиновска во официјална посета на Кипар, со цел продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор. Во знак на партнерство, министерката Божиновска возврати со покана, со цел продолжување на дијалогот и конкретизирање на идните заеднички проекти.

 

Министрите ја потврдија подготвеноста за понатамошно продлабочување на партнерството во клучни енергетски проекти од регионално значење.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.