
Левица во Корча, Албанија: Остро се спротивставуваме на агресивната и бескурпулозна дипломатска офанзива на Бугарија во Албанија
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 09 Февруари 2025

На средбата одржана во Горица / Корча (Албанија), организирана од Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), политичката партија Левица беше претставувана од највисокото раководство – претседателот, проф. д-р Димитар Апасиев и потпретседателот, м-р Реџеп Исмаил – обајцата пратеници во Собранието на Република Македонија.
Настанот беше посветен на разгледување на Нацрт-стратегијата предложена од претставниците на македонското мационално малцинство во Албанија, насочена кон подобрување на нивната положба и заштита на основните човекови права.
Од страна на делегацијата на Левица беше афирмирано дека цврсто стои зад барањата на Македонците во Албанија.
„Левица нема да остане само на декларативна поддршка – активно ќе се вклучиме со конкретни предлози и сугестии за подобрување на Нацрт-стратегијата, со цел да се создаде сеопфатен документ кој ќе адресира клучни прашања: заштита на македонскиот јазик, унапредување на образованието на мајчин јазик, институционална видливост и економско јакнење на македонските заедници. Остро се спротивставуваме на агресивната и бескурпулозна дипломатска офанзива на Бугарија во Албанија, која преку политички и социјални уцени и злоупотреба на членството во Европската Унија врши асимилациски притисоци врз Македонците. Овие обиди за бугаризација не се само непријателски кон македонскиот народ, туку претставуваат грубо кршење на основните европски принципи за заштита на националните малцинства. Левица ќе го користи секој дипломатски и парламентарен инструмент за разобличување на овие политики и заштита на македонскиот идентитет“ соопшти партијата Левица.
Македонското малцинство во Албанија, како и во другите соседни земји, Левица го смета за нераскинлив дел од македонскиот народ и неговата заштита треба да биде стратешки и приоритетен национален интерес на Република Македонија.
„Левица, освен преку партиски ангажман, ќе го искористи и својот капацитет во Собранието на РМ за проактивна политика насочена кон промоција, заштита и унапредување на нивните права, како и следење на имплементацијата на конкретните чекори кои ќе се однесуваат на сите македонскит заедници надвор од границите на нашата држава“, велат од партијата.
Целата на сите активности ќе биде создавање на долгорочна, системска и одржлива политика за заштита на правата, културен интегритет и достоинствен живот на Македонците во Албанија.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
