
Продлабочување на економската соработка помеѓу Македонија и Австралија – Средба на министерот Муцунски со претставници на Европско-австралискиот бизнис совет
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 11 Февруари 2025

Продлабочувањето на економската соработка е во фокусот на работната посета на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во Австралија. Во таа насока, тој вчера оствари средба со претставници на European Australian Business Council (EABC), водечка платформа за економска и трговска соработка меѓу Европа и Австралија.
На средбата се разговараше за можностите за унапредување на економските односи меѓу двете земји, зголемување на трговската размена и привлекување инвестиции. Посебен акцент беше ставен на потенцијалот за соработка во областите на енергетиката, инфраструктурата и новите технологии.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и Владата на Република Северна Македонија се силно посветени на привлекувањето нови странски инвестиции. Стабилната бизнис-клима и силната поддршка за странските и домашните компании ја прават нашата држава атрактивна дестинација за инвестирање, не само во регионот, туку и во Европа“, истакна министерот Муцунски.
Притоа, тој нагласи дека зајакнувањето на економските и трговските односи останува еден од приоритетите во понатамошниот развој на билатералната соработка меѓу двете земји.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
