
Сиљановска-Давковa: Време е жена да застане на кормилото на Организацијата на Обединетите Нации
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 12 Февруари 2025

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова учествуваше на настанот „Глобален женски појадок 2025“, што се одржа на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје на тема „Поврзување за одржлива иднина“.
„Глобалниот женски појадок 2025“ го организира Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, во рамките на иницијативата на IUPAC (Меѓународна унија за чиста и применета хемија). Се одржа по повод 11 февруари – Меѓународен ден на девојките и жените во науката.
На настанот, покрај претседателката, се обратија: проф. д-р Наташа Ристовска, раководителка на Институтот за хемија, проф. д-р Марина Стефова, од Институтот за хемија, проф. д-р Светлана Мојсов, од Универзитетот Рокфелер, Њујорк (преку видео) и амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер.
Во обраќањето, претседателката Сиљановска-Давкова ја потенцираше важноста на зајакнувањето на улогата на жените во науката и општеството за светскиот мир и развој, посакувајќи, жена да застане на кормилото на Организацијата на Обединетите Нации, 80 години по нивното основање. Потенцирајќи го женскиот тежок и трнлив пат во науката, таа потсети на зборовите на Марија Склодовска – Кири: „Животот не е лесен за никој од нас, но што со тоа? Мора да бидеме упорни и да имаме верба во себе. Мора да веруваме дека сме надарени за нешто за тоа да се оствари“.
Времето зад нас и со нас го означи како машко, воинствено и воено, диктирарано од богот Марс и повика на ново, мирно доба, водено од Венера, од Атина, со маслиново гранче, а не со оружје.
Во духот на одржливата иднина, укажа на актуелноста на „Природниот договор“ на Мишел Сера, склучен меѓу човекот и Земјата како неразделни и рамноправни партнери.
Потенцирајќи дека нема одржлива иднина без решавање на еколошките проблеми, информираше дека за прв пат во Советот за безбедност вклучила експерт за климатски промени, професорот д-р Владо Спиридонов, кој ќе го води Советодавното тело за климатски предизвици и безбедност, составено од исклучителни познавачи на оваа проблематика, кои во дијалог со претставниците на еколошките организации ќе помогнат во креирањето решенија за справување со загадувањето и климатските промени.
Посебна тежина на духовниот карактер на појадокот му даде светски познатата американска професорка од македонско потекло, Светлана Мојсов од Универзитетот „Рокфелер“ , Њујорк, САД, која преку видео ги запозна присутните со своето патување до научните врвови.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
