Ќе се воспостави ли повторно лет од Скопје до Прага – директорот на ТАВ ја отвори темата во Чешка

На работилницата со наслов „Туристичкиот потенцијал на Македонија“, што се одржа утринава, 10 март, во Прага, генералниот директор на Т„АВ Македонија“, Неџат Курт, пред најистакнатите чешки туристички агенции и туроператори ги презентира туристичкиот потенцијал на Македонија и улогата на македонските аеродроми во туристичката индустрија.

 

На покана на чешкиот амбасадор во Македонија, Јарослав Лудва, и извршниот директор на аеродромот во Прага, Јири Пос, Курт во Прага ја отвори темата за повторно воспоставување на авиолинијата меѓу двата главни града Скопје и Прага нагласувајќи дека сите фактори во воздухопловството, туристичката индустрија и дипломатијата мора да работат заедно за да се создаде побарувачка за авиокомпанија што ќе ги најде своите деловни причини да ја воведе оваа директна авиолинија.

 

„Покрај капиталните инвестиции што ги направивме за модернизирање на македонските аеродроми, во исто време во текот на годините вложивме многу напори да ги пласираме не само двата македонски аеродрома туку и Македонија како туристичка дестинација на многу странски туроператори и авиокомпании. Ова значи колку авиокомпании првпат воведоа нови дестинации од скопскиот и охридскиот аеродром. Ние навистина веруваме во туристичкиот потенцијал на Македонија, затоа целосно се вклучуваме во промоцијата на секој саем за воздухопловство и туризам, каде што ‘ТАВ аеродроми’ е учесник, на сите воздухопловни конференции на кои можеме да се сретнеме со клучните лица од авиокомпаниите и туроператорите. Се надевам дека ќе ја откриете Македонија како нова опција за патување за чешките граѓани и уверен сум дека денес ќе почнеме нови партнерства со некои од вас што ќе бидат заинтересирани за нашиот пазар. Ајде да работиме заедно и да создадеме побарувачка за директна авионска врска меѓу Скопје и Прага, што може да доведе до повторно воспоставување на директната авиолинија меѓу двата главни града од страна на авиокомпанија, која ќе најде деловни причини да ја воведе“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.

 

Работилницата на аеродромот во Прага, со наслов „Туристичкиот потенцијал на Македонија“, ги собра најистакнатите туристички агенции и туроператори од Република Чешка, кои беа запознаени со потенцијалот на Македонија и со можностите за патување на чешките туристи.

 

„ТАВ Македонија“ ги претстави убавините на земјата и потенцијалот на Меѓународниот аеродром „Скопје“ и на аеродромот Св. апостол Павле“ – Охрид да опслужуваат директни летови од Прага до Скопје и Охрид.

 

Како продолжение на денешната работилница во Прага, „ТАВ Македонија“ во Скопје ќе организира работилница со македонските туристички агенции за чешките туроператори, на која двете страни ќе можат да имаат Б2Б-состаноци, со крајна цел – летови меѓу двата главни града.





Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk



Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс


© MTM ТВ Дооел - Скопје. Сите права се заштитени.