
Затекнати камиони како истураат огромни количини отпад на приватна дива депонија во Драчево
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 10 Март 2025

Инспекторите на Град Скопје при вршење на вонреден инспекциски надзор во околината на населено место Драчево, на улицата „Јустинијан“ затекнале камиони како истураат огромни количини отпад на приватна дива депонија на територија меѓу Општина Кисела Вода и Студеничани. Станува збор за дива депонија со површина од 5.000 квдратни метри на приватен имот.
-При вршење на вонредната контрола затечена е фирмата „ГО-ИВА Бетон“ како со тешки товарни возила фрла отпад, што е спротивно на Законот за Управување со отпад и Законот за заштита на животната средина. Повторно некој свесно и за профит ги труе скопјани, а по неколкудневно следење сторителите се фатени на лице место – соопштија од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека инспекторите продолжуваат со засилениот инспекциски надзор на терен 24 часа, со цел намалување на аерозагадувањето и заштита на животната средина.
-Неселективно се изрекуваат казни за сите што не го почитуваат законот. Континуирано поднесуваме кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу кои и опасен канцероген отпад – потенцираат градските власти.
Тие велат дека на територијата на Скопје покрај Инспекторатот на Град Скопје, има уште вкупно 14 институции кои имаат надлежност и обврска да постапуваат при загадување на животната средина и загрозување на здравјето на граѓаните.
-Досега единствено градот Скопје реагира, додека останатите не постапуваат иако за истото имаат законска обврска – заклучија од Град Скопје.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
