
СДСМ: Нереално, Андоновски го призна скандалот со тендерите, итно да си поднесе оставка
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 10 Март 2025

Со неверување ја примивме скандалозната изјава на министерот Стефан Андоновски. Андоновски ги призна и ги потврди информациите на СДСМ а со тоа и скандалот дека тендерите во неговото министерство ги има добиено сопругот на државната секретарка во истото министерство Гордана Клинчарова, реагираат од СДСМ на изјавата на Андоновски.
„СДСМ ги објави и двата договори од добиените тендери, потпишани лично од Андоновски. Првиот договор за набавка на конференциска и презентациска опрема во вредност од 2.400.000 денари и вториот договор, за набавка на ИТ опрема во вредност од 529.000 денари.
Наместо да се извини и да поднесе оставка, тој дрско се обиде да ја брани Клинчарова а всушност ја дозакопа.
Андоновски вели дека Државната секретарка, во случајот сопругата на тој што го добил тендерот, била само ангажиарана во административно – буџетско работење на министерството. А Државниот секретар во секое министерство па и во неговото раководи со целата администрација. Што значи дека Клинчарова е шефица на сите кои учествувале во водењето на постапката за оваа и на било која друга јавна набавка“.
Според СДСМ, изјавата на Андновски дека не може да знае со кого е потпишан Договорот паѓа во вода затоа што на договорот е неговиот потпис и потписот на сопругот на Клинчарова, Мартин Клинчаров.
„Или Клинчаров не му се видело познато презиме на Андоновски? Овој случај е најеклатантен пример за конфликт на интереси, непотизам и корупција што е одлика на ВМРО-ДПМНЕ. Тендерските мрежи на ВМРО-ДПМНЕ сè повеќе се шират, а институциите мора итно да реагираат“
Бараат јавното обвинителство и ДКСК веднаш да постапат по овој случај. Андоновски без одлагање да поднесе оставка и целосно расчистување на коруптивните шеми во Министерството.
СДСМ, како што велат, нема да дозволи оваа афера да помине неказнето. Ќе бараат одговорност сè додека правдата не биде задоволена. Ова не е само прашање на злоупотреба на функцијата – ова е удар врз довербата на граѓаните и државните институции, додаваат од партијата.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
