
СДСМ: Документи откриваат дека Владата однапред решила да ја оштети државата со паркингот во Клинички
- Детали
- Категорија: Македонија
- Создадено: 10 Март 2025

Од СДСМ истакнуваат дека излегуваат на виделина сè повеќе докази за криминалната зделка на Владата на Мицкоски и Таравари за паркингот во Клиничкиот центар. Објавениот оглас за тендерот јасно како што велат, потврдува дека Министерството за здравство и министерот Арбен Таравари уште од самиот почеток однапред ја договориле оваа зделка за „Ѓока Констракшн“, при што приватната компанија ќе добие 99% од приходите, а државата само мизерен 1%! Документите кои ги криеше Таравари објавени во медиумите, додаваат дека го потврдуваат она во што се сомневаше СДСМ.
„Огласот објавен во ноември минатата година покажува дека самото Министерство за здравство поставило услов концесионерот да плаќа само 1% од приходите на државата! Тоа значи дека не понудувачот, туку министерството тоа го ставило како услов.
Таравари и Мицкоски свесно решиле паркингот да го предадат на приватна фирма, оставајќи ја државата без приход, додека пациентите ќе плаќаат речиси двојно поскапо паркирање! Ова е јасен доказ дека целата постапка е сомнителна и дека некој од власта ќе профитира од оваа зделка на грбот на граѓаните!
Но тоа не е сè – од истата објава јасно се гледа дека еден од условите за учество на тендерот бил компанијата да има изградено мостови! Каква врска има изградбата на мост со поставување монтажни гаражи во Клиничкиот центар?! Ова е класичен доказ дека тендерот бил специјално скроен за „Ѓока Констракшн“, компанијата што го има изградено мостот „Ваша“ во Албанија. Со овој сомнителен услов, Владата оневозможила реална конкуренција и обезбедила однапред познат победник“.
СДСМ бара итна истрага за корупција. Нагласуваат дека институциите не смее да молчат.
САпоред нив, Владата не смее да го забошоти овој случај, а Мицкоски и Таравари ќе мора да одговараат за овој класичен пример на корупција.
„Ова не е само обичен тендер – ова е обид за директен грабеж на јавните ресурси! Додека граѓаните плаќаат скапи услуги, владините функционери си договараат зделки што носат милионски профити за приватни фирми“, додаваат од опозициската партија.
Забрането копирање на авторска содржина без претходна писмена потврда од МТМ ТВ ДООЕЛ. Доколку сметате дека вашето авторско право е прекршено ве молиме да не контактирате на info@mtm.mk
Можеби ќе ве интересира:

Сите статии објавени на МТМ.мк се во согласност со ИАБ етичкиот кодекс
